Што ќе ми е работа, ќе си родам три деца!

Оф, моја чудесна земјо Македонијо! Дали си ти толку добра па ги трпиш и толерираш сите „работници“ кои напорно и вешто „работат“ во своите домови со скрстени раце и кренати нозе, со широко отворени вулгарни усти и чекаат милостиња од државата?! Понекогаш летнувам со мислите и се прашувам како би било да се најде некој лек, еким или гатачка за спречување на оваа нова нагло развиена епидемија, синдром на паразитска мрзливост и претераното напумпано его и гордост кои потајно, потсвесно се резултат на несигурност, љубомора, алчност и очај …

Како би било да се најде решение на проблемот „не можам да работам таму да бидам чистачка да метам и џогирам па и вециња да чистам не доаѓа во предвид… И тоа на онаа комшивкана која знам како стасала до нејзината позиција!!!“ Или пак „ Неписменава од моето маало која сега е докторка и за 13000 денари да идам да се понижувам нема шанси! “

„ Улици да метам, да ме врне дожд и да собирам ѓубре од улица а уште на тоа да ме сретне некој познаник и да ми се исмева ни тоа не бидува, да одам во пекара да продавам ќе беше супер ама да не месев, печев со мрснотии и брашно да се валкам а уште на тоа и во 5 да станувам да трчам по автобуси и трети смени да седам напорно е, не се исплака за на крај 4,5 илјади да ми останат чисти.“

И сите сте во право… Можеби се сметате за подобри, попаметни од комшивката ама ете пуста судбина ич ама ич немате среќа во животот! И па згора на тоа кај комшивката позелена е тревата, во бавчата пиперките се поголеми од вашите а пази во ист ден ги садевте… Не останува ништо освен онака сочно да ги испцуете комшиите и нервозни по дома да го истурите вашиот гнев!

И така несреќни од животот, оп ви текнува на еден интересен закон… Нели децата се богатство…Трето дете топ работа а четврто да не правиме муабет… колку-толку има надоместок, барем нема да си ги валкате рацете со друга работа… Е сега ништо опасно де… Живеете со мама и тате, старите ќе покријат струја и вода… Нив пензиите им ги покачуваат, па што ќе им прават на парите бре?! Нека плаќаат таму нема да им требаат на другиот свет…

И така си оформуваш фамилиичка со 4,5 па дури 6 члена, горе- долу проблемот со егзистенцијата државата го има решено… Битно вие нема да си ги извалкате рацете копајќи на некоја нива, битно нема да стоите по 8 саати во некоја фабрика „за никакви 15 000 денари“, битно ќе сте си дома и ќе можете да кукате и пцуете колку ви душа сака! Башка ако треба за одмор има кредити бре! И тоа од оние за 24 часа, брзите… Ќе дојде пензијата од бабата или дедото па ќе се покрие…

Драги секогаш незадоволни пријатели и непријатели… Кој сака да работи и заработи може да го направи тоа… Проблемот е во тоа што не ви се допаѓа да имате плускавци на рацете… Како и да е… Сепак полесно е да се размножиме па кога ќе пораснат нека му ја мислат децата!

Автор: Трендафилка

Извор: Трибуна

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e