Сам себе го убијал!

Ако сакате да дознаете што се случува во нечие семејство, прашајте го детето од тоа семејство. Во случајов, детето е Филип Петровски (од ВМРО -ДПМНЕ) , со една разлика, што никој ништо не го прашал, а и не е познато дали семејството (ВМРО – ДПМНЕ) се откажало од него преку оглас, ама тој се уште не знае.

На вчерашниот собир во Прилеп, којшто Петровски го нарекува трибина, пред 50-ина присутни граѓани, Филип Петровски покажа и докажа дека е супер-мултитаскер. #ВМРОДОСМРТ мултитаскер. Во монологот од некои триесетина минути, прекинуван од време на време од публиката со овации, предизвикани од неговите високи патриотски чувства кон Македонија и Македонците и сите македонски градови со Македонци во Македонија, Петровски по пат заборавил да повика пријател за да ја сними „трибината“, па си се снимил самиот со неговиот телефон, односно одел во живо на Фејсбук. Сигурно го следеле сите Македонци од цел универзум, а и понекој од дијаспората. Од исконската потреба за Македонска држава, до автономност и автохтоност ( малку збунет делуваше во употребата на овие зборови), до Прилепски кафеани во коишто (не дај боже)  ќе дојде некој Албанец па ќе побара мени на албански јазик, па откако ќе нема мени на тој јазик, угостителот ќе треба да плати казна ама нема да ја плати бидејќи нема пари, па ќе дојде извршител па ќе ја затвори гостилницата, па ќе ги иссели Македонците и ќе ги досели Албанците, и,  Македонија ќе пропадне! И ова не е се!

Сите соседни држави се сплотиле да ја распарчат светата земја Македонија, да и земат по еден дел и Македонија веќе да не постои. И Македонците! И конгресот на ВМРО – ДПМНЕ бил наместен! (фала што ни кажа) И Мицковски не го сака! Само ВМРО – ДПМНЕ го сака! И Македонија, со Македонците… И сака да донесе авиони со дијаспорци, како Али Ахмети за Кичево. Ахмети, тој врвен примерок на патриот!

Се пофали и дека знаел да прави салата, како што и докажа на „трибината“. „Дошја му е нож до коску“ како што се изрази на кумановски дијалект , па не знае дали прво да се бори за името или за јазикот, или за територијалниот интегритет, а со идентитетот нешто слабо му одеше. Руска салата во обид. Без руси во неа.

Од монологот на Петровски единствено може да се пожалиме дека не ги спомна вонземјаните коишто најверојатно во годините што следат, ќе ја нападнат Македонија и ќе се населат во неа, за да живеат како Македонци. Наместо Македонците! И, секако, можеше јасно да се почувствува дека неговата љубов кон ВМРО – ДПМНЕ, не е возвратена. Во секој случај, успешна „трибина“, ако се земе предвид дека не насмеа до солзи.

Дијана Тахири за Цивил медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e