„Салто мортале“ на Јово Вангеловски

Занимлива е стратегијата на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски за избегнување на сопствената одговорност за сомневањата за тешки злоупотреби во судството во корист на најразлични криминали кои се одвиваа во Македонија во последните десетина години, а кои само кулминираат со внатрешната судска постапка на Судскиот совет за утврдување на одговорноста кај судиите кои им овозможија на двајца клучни обвинети за нелегалните прислушувања на време да се дадат во бегство и, сè уште, да бидат недостапни за правдата. Вангелов, имено, со употреба на внатрешното обезбедување, им го попречил влезот на членовите на Судскиот совет во зградата на Врховниот суд… Многу јако! Предлагам следниот пат, во врвен правнички манир, да ја зашвајцува вратата од Судот, а кога и таа барикада ќе се надмине со помош на бонсек, нека проба очајнички да се заклучи во тоалетите на зградата и од таму да не излегува до промената на власта во Македонија, ако и кога ќе ја има.

Така, и Вангеловски дефинитивно се овери на подолгиот, срамен список на разно-разните правни „приврзоци“ на Фамилијата, од типот на лустраторот Томе Аџиев (еј, тој да не мисли дека е заборавен?!), поранешниот претседател на Кривичен, Владимир Панчевски, или оној прочуен лик од Советот на јавни обвинители, Петар Аневски, чии правни „салта мортала“ ќе мора да се изучуваат како задолжителна содржина во курикулумите на правните факултети, како илустрација за тоа колку е важен професионалниот и личниот интегритет на лицата кои се поставени да го сочинуваат кадровскиот ’рбет во правната држава, за државата навистина да биде правна.

Патем, ако до вчера можеби и се сомневав во вклученоста на Вангеловски во подготовката и изведбата на операцијата за бегството на двајцата осомничени началници од УБК во предметите на СЈО „Таргет“ и „Тврдина“, сега тие сомнежи кај мене се многу намалени. Тоа Вангелов го имплицира во многу непријатен кривично-правен контекст, бидејќи токму овие две истраги на СЈО се во суштината на големите злоупотреби правени преку тајната полиција и политиката на ВМРО-ДПМНЕ. Не знам дали избеганиве негде веќе и не се ликвидирани, но знам дека тоа би им одговарало на една дузина функционери од бившата власт за да си ја спасат сопствената кожа. Ако расплетот добие таков трагичен тек, тогаш Јово Вангеловски треба добро да размисли за своите идни постапки, бидејќи Ѓаволот одамна ја однел шегата во расчистувањето на валканиците на бившата власт.

Имено, најголемиот дел од јавноста искрено се надева дека сегашниот смален профил на СЈО е само последица на политичкото интермецо со претстојните локални избори и дека разглобувањето на криминалната корпорација на Фамилијата ќе продолжи со несмалено темпо веќе во ноември годинава. Оти, во спротивно, ќе се испостави дека криминалот во Македонија сѐ уште се исплатува, што би било катастрофална препорака и за сегашната власт.

Сашо Орданоски

Извор: Цивил Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e