Подобро е Мијалков да ги врати парите

Мислам дека не е доволно тоа што Сашо Мијалков ја става својата политичка активност во мирување. Треба веднаш да ги уплати во Буџетот оние пари од израелската провизија што се идентификувани како земени, ако веќе не го сторил тоа. Иако веста за повлекувањето од политиката е вистински илинденски подарок за македонската демократија, без конкуренција тој беше најопскурната, најконтроверзна личност во изминатите десет години. При емитувањето на аудио снимките се уверивме дека станува збор и за човек без скрупули. Да имавме вистинско судство тој ќе одговараше веќе истиот ден, не само поради злоупотреба на државната функција со спектакуларното апсење на Љубе Бошкоски, туку и за нарушување на изборниот процес. Но тој се одржа до крвавите настани во Диво Насеље затоа што, заедно со својот братучед, ја имаа заробено државата. Што од страв, што од лични интереси, раководните тимови на институциите не фукционираа. Братучедите, според аудио снимките, со прескапите апарати за прислушување ја имаа смачкано македонската интелигенција која беше преплашена како никогаш порано и повлечена.

„Ја информирам јавноста дека мојата политичка активност ја ставам во мирување. Со цел да се завршат судските постапки кои се во тек, а во кои што кај мене постои лично убедување дека ќе се докаже вистината, донесов одлука да се повлечам од сите партиски функции”, вели Мијалков во своето соопштение. Мора да признаеме дека тоа е изненадување за јавноста, но и вистински потег на политичар, иако со големо задоцнување. Да постапеше на ист начин и неговиот братучед, одамна ќе беше совладана македонската агонија. Но тој, како што гледаме, е решен да ја докажува својата невиност во седиштето на партијата, со помош на институции и личности што се надева дека ќе му бидат наклонети, а не со аргу ментите на граѓанскиот морал, како што е насекаде во светот.

Верувам дека Сашо Мијалков ќе вложи многу труд и пари за да ја докаже својата невиност. Или да ја сведе вината на разумна мера, како што цинично се изразуваше Александар Грличков, еден од тројцата македонски политичари што остварија меѓународна кариера. Информациите дека тој “ја опљачкал државата” се проширија кај Македонците надвор од татковината со секавична брзина. Кога се емитуваа снимките за провизиите што ги барал и што се испостави дека ги наплатил од Израелците, во нашата Редакција во Мелбурн дојде еден негов застапник. многу угледен пензионер, и бараше да објавиме вест дека Сашо Мијалков “ја наплатил провизијата во корист на македонската држава”. Иако ни покажуваше копии на вести од провладини медиуми, ние му побаравме копие од некој финансиски документ за таа трансакција. Пред да си замине, тој човек ни упати закани, слично како што постапуваа неколку помалку важни активисти од партијата на власт: “Внимавајте што пишувате ако не сакате да бидете лустрирани”.

Штом веќе стана обичен граѓанин, како сите што сме, прва обврска на Сашо Мијалков треба да му биде регулирање на тие финансиски трансакции со јавен отчет. “Каде се парите?” ќе зуи целиот Фејсбук. Доколку верно се уплатени во буџетот на Македонија, СЈО е должно да ја извести јавноста. А доколку пак Сашо “по грешка ги задржал кај себе”, мислам дека треба, во најпроста варијанта, да се нагоди со СЈО. Давам царство за слобода.

Ми се чини сега е последна шанса за Сашо Мијалков да го заштити името на својот татко. Имав прилика да го познавам тој сиромав трговски претставник, кој доаѓаше во “Mисла” во придружба на Никола Кљусев. Здолжително го седнував меѓу Славко Јаневски, Блаже Конески и Гане Тодоровски. Сите бевме загрижени за судбината на Македонија пред распадот на Федерацијата, ама тој најмногу викаше. Ќе се возбудеше, ќе кажеше нешто револуционерно исправајќи се покрај масата, а пак Кљусев ќе го предупредеше: “Молчи, Јоцо, и слушај, ова се најучените луѓе што ги имамe”. Се добиваше впечаток дека таткото на обвинетиот Сашо не е опседнат со пари, туку со идеали. Зарем неговиот син нема да го почитува тоа и ќе дозволи валкање на името заради тие проклети пари? Иво Андриќ велеше дека е најлоша варијанта ако по физичката смрт ти умре и задужбината.

Божин Павловски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e