Патници, не се договоривме вака

Сакав да почнам со „Другари, не се договоривме вака“. Ама се предомислив.

Другар, ако го сметаме за вистински, е оној кој, пред да дојде на некоја битна позиција, тоа што го кажува и го мисли. Другар е оној кој вели дека заради 11-годишно уништување на нашата заедничка држава ќе стави крај на башибозукот во трошење и заеднички ќе работиме на оправање на државата. Другар е оној кој кога ми вели мене дека мора да штедиме – тоа и го мисли. Другар е оној кој е секогаш фокусиран во Парламентот бидејќи се работи за многу битни прашања и за враќање на нормалниот живот. Другар е оној кој не вика дека Законот е таков и нема што да се прави, туку и покрај што е Законот таков тој штеди и не зема енормни суми на име патни трошоци. Другар е оној кој, кога ќе излезе на прес конференција, ја кажува вистината, колку и да е болна.

Другар е оној кој во вакви тешки времиња, кога се бориме за секој еден денар да го заштедиме, затоа што сме во многу длабока дупка пропаднати, се бори и тој заедно со нас.

Другар е сѐ ова горенаведено.

Вие, Силваневи пратеници не сте другари. Далеку сте од тоа. Како се договоривме, заборавивте? Не зборувам за оние од криминалната ВМРО ДПМНЕ: Тие се научени на тоа и нема да се сменат. Тоа им е во агендата. Ама вие, со кои заедно се боревме, кои знаете што треба се да се направи и какви жртви да поднесеме за да можат нашите деца да живеат пристоен живот? А зошто па да не уживаме и ние? Ама за тоа да се оствари ние засукавме ракави, штедиме, кој како знае, може и умее. Секојдневно пазиме за да имаме. А вие не. Вие сте пример за расипништво во ваква ситуација.

Законот… во ред, Законот Ви дозволува да ги земете патните трошоци. Но, ако сте малку доблесни, ако барем некои од овие критики и апели стигаат до вас, тогаш ќе го смените Законот. И пак ќе сте во добра позиција. Нема да земате 3-4000 евра, ќе земате можеби 1000. А ако сте уште подоблесни, патните трошоци ќе ги намалите на минимум.

Затоа што – за државата се работи. За овој изгладнет, преморен народ се работи. За нашите деца се работи.

За довербата се работи. А довербата, ако ја изгубите, имаме проблем. Довербата тешко се стекнува, ама многу лесно се губи. Не знам дали да речам дека веќе е изгубена. Па да, изгубена е. Добивте критики пред некој месец, Ви укажувавме дека е потребно да се смени Законот. Вие не направивте ништо. Велите, не е така едноставно. Ми велите дека овие претходните законите по стотина си ги менувале, преку ноќ. Во ред, не мора така, вие менувајте по 5-6, преку ден. Е, мора да е лесно. Не може јас и една голема армија борци да се жртвуваме и секој денар да го броиме. И ние сакаме да имаме повеќе од што имаме. Ама не вака.

Домаќински.

Затоа на крај, сепак, ќе речам само: „Патници, не се договоривме вака“.

Пишува: Денис Јанкуловски за Цивил медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e