Анѓушев, дежурен кај кормилото

Можете да го сакате или да го мразите д-р Кочо Анѓушев – срам да му е, богат е, бил ВМРО, прави олеснување за увоз на индустриски батерии за тој да ги користи, увезувал и продавал струја, тогаш мора да е корумпиран, што бара крупен капиталист меѓу социјалдемократи итн. – но, јас барем, одамна не памтам поубедлив македонски политичар за проблемите што се нафатил да ги решава.
Прво, нема штос во бизнисот што можете да му го „продадете“. Извезувал – увезувал, купувал -продавал, редовно плаќал толку данок колку што (претпоставувам) морал, му се „точкале“ во бизнисот секакви (и домашни и странци), „стегнат“ е за илјади, а располагал и со десетици милиони… Сите бројки ги има во глава и, како инженер по професија, побрзо ги смета математиките од дигитронот што му го турка под носот Боби Христов (инаку, одличен телевизиски штос), а во законите и прописите што ги образложува и брани, ги знае сите запирки и точки со фотографска меморија.

Второ, располага со извонредно цврста логика (во теоријата на сознанието, тоа се нарекува научна епистемологија) и се занимава само со она што е фактички докажливо. Како вистински универзитетски професор – тоа што долги години и е – ги „меле“ темите со извонредна стрпливост и систематичност, но и разбирливост и за луѓе како мене, не многу интелигентни (да не кажам глупави) за компликуваните бизнис модели и движењата во економијата.

Трето, јасно е дека работи едно петнаесет часа дневно! Мора да е така, бидејќи прочитал сè што му се дало, отишол сегде каде што морал, испреговарал со сите со кои требало, отседел на десет состаноци, а вечерта го гледам и на некој дипломатски прием како „чеша“ рамења со амбасадори, општествени претставници на македонското „Големо добро утро“ и други купи-ден-помини сезнајковци (новинари, де), иако би можел и дома да си отиде, малку да одмори и да дремне.

Конечно, точно го разбира „периметарот“ во политиката што му е даден да го работи и не се прави паметен за теми што не ги владее. Исправно.

Да, знам, ова е, во последните шест месеци, втор текст во кој го фалам Анѓушев. (Колку да се знае, меѓусебно никогаш немаме разменето ни жолта пара.) Но, во целиот идеолошко – моралистички и кадровски хаос во кој сме заглавени со добра половина од владините министерства, компетентен технократ како Анѓушев некако влева доверба дека владиниот брод има и дежурни покрај кормилото кои се немаат изгубено во маглата на големите очекувања на јавноста и форензиката на „местото на злосторот“ на остатоците на минатиот криминален режим.

Дополнително, бидејќи никој жив не знае кој ни е министер за економија, а Заев пеливански фатил да се бори за името па за името па за името, добро е што некој во Владата води сметка и по некој оџак да зачади во државава, а не само да растегнуваме од сабајле до вечер за геополитики и патриотски патетики.

Се разбира, вистинските резултати во економијата допрва ќе треба да следуваат. Оти во политиката, како и во бизнисот, ништо не функционира подобро од мерливиот успех. Ако тие резултати ги нема, и покрај сите фалби, политичката кариера на Анѓушев ќе биде едно бледо сеќавање за една влада која имала големи амбиции, а слаби ефекти.

Сашо Орданоски

Цивил медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e