Селена Гомез и Бени Бланко се свршија откако повеќе од една година се во врска.
Гомез ја сподели радосната вест на својот Инстаграм профил со опис: „Засекогаш започнува сега“. Заедно со серијата фотографии на кои е видно среќна, Гомез го покажа и златниот веренички прстен со бел дијамант на нејзината рака, а нејзиниот вереник Бланко се пошегува и напиша во коментарите: „Еј, тоа е мојата сопруга“.
Нејзината објава за еден час собра 4,6 милиони лајкови, а многу познати личности ѝ упатија честитки во коментарите. Меѓу другото, Гордон Ремзи и напиша: „Честитки и на двајцата, мора да е поради готвењето“, како и Џенифер Анистон, раперот Лил Нас Икс и актерката Мариска Харигитај.
Покрај познатите, на Гомез и на Бланко им честитаа и обожавателите кои меѓу другото во коментарите напишаа: „Вљубеноста совршено ви прилега“, „Сè уште немам зборови“, „Ја заслужувате сета среќа на светот“, „Ова се фантастични вести“.
За нивната врска се дозна во декември минатата година, кога Селена откри дека се заедно шест месеци, а на социјалните мрежи напиша дека Бени е подобар од сите други со кои била претходно. Околу нивната свршувачка почна да се зборува уште во август оваа година, кога Селена позираше пред огледало, но го покри прстот со две срциња.
Музичкиот продуцент Бени претходно се најде на листата најсексапилни мажи на „People“ за оваа година, а својата врска со Селена секогаш ја опишува како најбезбедна и најзначајна. Пред свршувачката, Бланко во неодамнешното гостување во шоуто Хауард Стерн потврди дека нивната врска е сериозна и дека сака да основа брак и семејство со Селена.