Земјоделците на нов протест за „ајварката“. Мицкоски повикан на „екскурзија до Струмица“

Цената на пиперката „ајварка“ повторно падна на 25 денари за килограм, иако по протестите беше договорено таа да изнесува 30 денари. Оваа ситуација од терен ги револтира струмичките земјоделци, па организаторите на протестите „Месно здружение млади Муртино“ за утре најавија нов протест во 11 часот во Струмица пред зградата на МЗШВ. Тие го повикуваат министерот за земјоделие Борче Серафимовски да им даде „магичен совет“, како земјоделецот без исплатени субвенции најпрво ќе ја преживее зимата, а истовремено да се подготви за сеидба на следната сезона. Земјоделците ги повикуваат на протестот да им се придружат и градоначалниците од Струмица и околните општини како и премиерот Христијан Мицковски да направи, како што велат, „екскурзија до Струмица“.

„Само четири дена важеше договорот за пиперката, а еве веќе наредните 5 дена пиперот во Струмичко се откупува по 25 денари килограм, за ‘честитка’ од фабриките имаме веќе најавено и нови пониски цени за од понеделник. Па има ли крај ова безредие и безобразлук?“, пишуваат организаторите и прашуваат –„Каде е министерот кој што е одговорен медијатор да го спроведе и исконтролира овој ‘договор’ до крај? Бараме спроведување на договореното!“, велат земјоделците.

Пред две недела производителите на пиперка „ајварка“ од Струмичко протестираа неколку пати со блокирање на важни крстосници во тој крај и блокада во Струмица пред подрачната единица на МЗШВ. Министерот за земјоделие Борче Серафимовски посредуваше со откупувачите и трговците и од Струмица и им соопшти на земјоделците дека цената ќе биде повисока за пет денари. Прва класа пиперка – куртовска капија 40 денари, прва-втора класа 30 денари, индустриска класа 30 денари, и „шкарт“ како класа за 15 денари. Бидејќи најголем дел околу 80 проценти од родот на земјоделците се откупуваше како индустриска класа по 25 денари, за таа класа имаше зголемување од 5 денари од килограм.

Според производителите на пиперката – куртовска капија стравувањата се ако секоја недела имаат нова пониска цена, тогаш тие стравуваат по која цена ќе се откупува пиперката од пластеници до крајот на месецот, а потоа по која ќе се откупува од отворено поле? По која цена ќе се откупи пиперката на земјоделците од Пелагонија – дали по 5 денари за килограм?

„Ова е дрска и организирана индустриска хајка против нас земјоделците. Оваа година имаме квалитет и класификација на пиперката како никоја година претходно, коректност и професионалност од страна на земјоделецот на највисоко ниво досега, но не и доследност од страна на фабриките“, велат од „Месно здружение млади Муртино“.

Земјоделците од Струмичко велат пет дена се воздржувале од јавни објави и биле во контакт со министерот за земјоделие Борче Серафимовски.

Земјоделците велат дека пријавиле за состојбата, но за жал ништо од тоа, на терен договорот не се почитувал, а не гледаат ни некои сериозни заложби од надлежните.

„Земјоделецот е турнат во организирана хајка од неколку фабрики ‘џелати’ кои му ја одредуваат судбината, додека државата и институциите стојат како нем посматрач глумејки немоќ, без да активираат-создадат некаков соодветен механизам да го заштитат земјоделецот, луѓето кои ја хранат оваа држава. Дно!“, пишуваат организаторите на протестите и напоменуваат дека се чуствуваат изманипулирани, потценети и револтирани.

„Чувствуваме како главната цел на нашите медијатори да беше само да се стиши гласот на земјоделецот и потоа сѐ да продолжи по старо. Не потценувајте ја нашата интелигенција, не потценувајте ја раката која ве храни!“, порачуваат земјоделците од Струмица.

Според земјоделците на последниот состанок, кога се договарале за цената за пиперката, барале и писмени гаранции од МАП дека овие цени и класи ќе се почитуваат, но тоа не го добиле.

Па го прашале министерот Серафимовски: „Ако овде постигнеме устен договор, како вие ќе гарантирате дека овие цени ќе се почитуваат од фабриките?“. Одговорот на министерот бил самоуверен: „После овој состанок ќе направиме прес-конференција на која јавно ќе ги соопштиме договорените цени и ќе мора да се почитуваат, во спротивно ова ќе значи чекор на фабрикантите против државата и ние ова ќе го решиме“.

„Eве го чекорот министере, дојде за неполни 4 дена од вашата прес- конференција, сега на вас е редот“, пишуваат организаротите од „Месно здружение млади Муртино“.

Инаку по договорот со откупувачите и трговците министерот Серафимовски најави контроли при откупот на пиперката „ајварка“.

На терен излезе директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски со неколку државни земјоделски инспектори и објавија дека пиперката се откупува според договореното 30 денари за прва-втора класа и за индустриска класа.

​Најголем дел од откупените количини се наменети за преработка кај домашните преработувачи, додека одреден дел од откупените количини се наменети за извоз во Хрватска, Србија, Бугарија и други држави.

​„Државниот инспекторат за земјоделство и во наредниот период ќе продолжи со засилени инспекциски контроли на откупните пунктови во Струмичкиот регион, со цел доследно почитување на законските одредби, обезбедување фер и транспарентен откупен процес и заштита на интересите на земјоделските производители“, објави Серафимовски.

Веднаш по овој договор реагираше Национална земјоделска мрежа и изрази јавен револт дека се изврши класична манипулација кон барањата на градинарите и тие се доведени до заблуда, односно се направи привидна состојба дека се прифатени и задоволени нивните барања од страна на откупувачите.
„Ние излеговме со реална пресметана и докажана производна цена по килограм пиперка која при принос од 3.000 кг по декар изнесува 26 денари. Со самото тоа се докажа дека секоја просечна откупна цена под 40 денари дирекно води во загуба“, објави НЗМ.

Денеска земјоделците на социјалните мрежи коментираат дека килограм пиперка – куртовска капија се откупува и по 20 денари.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e