Во тек е проектот „Предизвикај се себеси и биди активен“

Во тек е проектот „Предизвикај се себеси и биди активен“ во кој вкупно 10 основни училишта од РСМ, од сите осум статистички региони и со хетероген демографски состав, ќе партиципираат во активности/вежби, кои се очекува да поттикнат физичка активност на ученици од VI до IX одделение, во домашни услови (без или со многу малку потребна опрема), креирани од квалификуван и професионален едукатор за физичко образование, преку интерактивна онлајн плаформа http://predizvik15.mk/.

Проектот, од 1 јули го спроведува Здружението за индивидуален, организациски и општествен развој „РАСТ И РАЗВОЈ Скопје“, а е финансиран од Група 484 и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, со Договор за грант.

Проектот, како што посочија од Здружението, претставува директен одговор на глобалната, здравствена, социјална и економска криза предизвикана од Ковид-19.

– Поконкретно, ваквата активност се смета за особено значајна, бидејќи училиштата во земјата се затворија во март 2020, и се очекуваше состојбата да продолжи и во следната учебна година. Во проектот ќе учествуваат 300 деца на возраст од 10 до 14 години, во соработка со 10 професори по физичко образование од селектираните основни училишта. За успешно спроведените вежби учесниците ќе собираат поени и ќе се натпреваруваат со своите врсници од другите училишта. Секое од инволвираните училишта ќе добие и донација на спортска опрема во рамки на проектот, според нивните посочени потреби, наведоа од Здружението.

Проектот, како што истакнаа од Здружението, подразбира и две онлајн истражувања во втората фаза, кои покрај евалуација на проектните активности и мерење на задоволството од самата програма, ќе треба да обезбедат и податоци за ставовите и мислењата на учесниците за значајноста на физичкото образование во земјата и сугестии за подобрување на квалитетот на наставата и курикулумите/методите и техниките, кои во вид на е-брошура ќе бидат дисеминирани до сите засегнати страни (Министерство за образование и наука, Агенција за млади и спорт, Биро за развој на образованието итн.).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e