СДСМ побара од премиерот Христијан Мицкоски да објасни зошто Иван Стоилковиќ останува дел од Владата, откако по реконструкцијата беше преместен од функцијата вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците на позицијата министер за локална самоуправа.
Од опозициската партија прашуваат што, според нив, Стоилковиќ придонесува за Владата, освен, како што наведуваат, „личната блискост со Српската напредна странка и Александар Вучиќ“.
„Стоилковиќ не носи никаква поддршка во Собранието или Владата. Неговата вредност за ВМРО се сведува на улогата на офицер за врска со Белград“, наведуваат од СДСМ.
Според партијата, доколку Стоилковиќ успешно ја извршувал претходната функција, нејасно е зошто бил преместен, а истовремено останал дел од новиот владин состав и покрај, како што велат, бројните критики и барања за негова смена.
СДСМ тврди дека неговото именување не е случајно и оценува дека претставува гаранција за, како што наведуваат, задржување на влијанието на Белград во македонската извршна власт.
Во соопштението партијата потсетува и на претходни контроверзии поврзани со Стоилковиќ, меѓу кои, како што наведува, инцидентот во Собранието со пратеникот Митко Трајчулески, неговите јавни настапи и контакти со организации и политички структури од Србија.
„Го повикуваме премиерот Мицкоски јавно да објасни според кои критериуми Стоилковиќ заслужува да остане во Владата и каков конкретен придонес очекува од него на новата позиција“, порачаа од СДСМ. објави Скопје1.мк
