Претседателот на ГРОМ и градоначалник на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, доброволно замина на издржување на затворската казна од шест и пол месеци, соопшти неговата партија.
Од ГРОМ оценуваат дека пресудата е неправедна и политички мотивирана, наведувајќи дека Јакимовски е осуден поради поставување две времени бараки во кои општината функционирала 13 години, со што, според нив, биле заштедени значителни средства од буџетот.
Во соопштението партијата упатува критики кон судството, тврдејќи дека правдата е селективна, и посочува дека не била земена предвид здравствената состојба на Јакимовски, кој, според нив, е онколошки пациент и неодамна бил опериран. Од ГРОМ им се заблагодарија на граѓаните за поддршката што му ја дале во изминатиот период.
