Театарот од Мала Речица

Борбата меѓу македонската правна и политичка држава продолжува и постизборно, со ненамален интензитет. Додуша, сега работите се појасни: гласачката поддршка за македонската правна држава постигна јасна и убедлива победа на последните парламентарни избори, па застапниците на поразената политика повторно влегуваат во очајнички сценарија за да го закочат, да го успорат или да го анулираат тој силен порив за правда. Во таквите напори во изминатите две години се направија цела дузина сериозни „трикчиња“ со кои ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се обидоа да ја прелажат домашната и меѓународната јавност во врска со несопирливиот тек на настаните во Македонија. Некои од тие трикчиња беа особено подли, некои наивни и комични, други имаа за задача само да „купат време“ за злосторниците да се реорганизираат, да уништат уште некој доказ, да самоубијат уште некој сведок, да докрадат што е останато да се украде…

Не може да се каже дека им недостасуваше фантазија: обвинија за „обид за државен удар“; па измислија „жолти комбиња“ и странски служби што прислушувале и следеле; инспирираа, а можеби и организираа трагичен обид за предизвикување воена криза во кумановското „Диво насеље“; ја наредија претседателската аболиција, а потоа се истуфкаа со нејзиното срамно повлекување; злоупотребите на македонскиот правен систем на сите нивоа личат на сто пати употребени, па испрани презервативи; изрекоа недоброени клевети, закани и измислици низ својата валкана пропаганда и се обидоа да спинуваат „компромати“ во најдобрите советски традиции за десетици истакнати противници на режимот; потрошија милиони народни пари на тотално промашеното вмровско лобирање во Вашингтон (и уште бесмислено трошат, само сега кај Трамп!); излегоа и со очајнички трагикомичен Проглас пред ДИК, а целата последователна хистерија ја засолија со повикот за ликвидација на западните странски амбасадори со објавувањето на нивните посмртници…

Трикче по трикче по трикче… Успеаја да украдат уште две години од иднината на Македонија, за да ги одложат судењата за сопствените тешки злодела против материјалното богатство, правниот систем и безбедноста на државата.

ПАРАСРПСКА КООРДИНАЦИЈА?
Но, полека-полека, дојде неминовното соочување со изборните резултати. Најголем губитник: Демократската унија за интеграција. Најголем победник: македонските Албанци кои, со своето гласање, покажаа далеку повисока политичка свест од стотици илјади свои македонски сограѓани. Постизборно, влеговме во нова фаза во расплетот на македонската мега-криминалистичка драма којашто работно би можела да се нарече: „Театарот од Мала Речица“.

Она што, мене, реално, деновиве ме изненадува е капацитетот на ДУИ за кој се сомневав дека нејзиното најтесно раководство го поседува. Тој капацитет неодоливо ме потсетува на најдобрите традиции на САНУ од крајот на осумдесеттите – за помладите читатели, тоа е националистичката српска воено-поттикнувачка машинерија во дел од Српската академија на науки и уметности, која ги произведе сите неопходни манифести, платформи, декларации и медиумски магли за политичките потреби на балканската национал-шовинистичка катаклизма која во деведесеттите ќе ја спроведе Слободан Милошевиќ, со познатите последици по Балканскиот Регион од кои и до денеска, очигледно, не можеме да се опоравиме. Низ удбашките екстензии на таа големосрпска машинерија пред многу децении беше смислена и приказната за „Голема Албанија“ која толку успешно пропагандно се пласираше на јужните балкански простори, што во неа поверуваа (и сѐ уште веруваат) и некои „големодржавни“ Албанци. На пример, албанскиот претседател Нишани, во налет на едно класично националистичко трабуњање, пред некој ден изјави дека „Албанија е должна да се грижи за Албанците во светот, независно од тоа каде живеат“. Што би рекол Шешељ (а можеби и Милошевиќ, ако има некоја суштинска разлика): „До каде има српски гробови, до таму е српската земја!“

 Дополнително, како што раководството на ДУИ почна да ни ги претставува своите САНУ-капацитети, така се јави верниот наследник на делото на Милошевиќ, српскиот министер за надворешни работи Дачиќ, да ја потсети Македонија дека е ФАЈРОМ, па и Српската православна црква одеднаш деновиве се сети да повтори дека нема признавање за МПЦ, а овдешните големосрпски и други разновидни празноглави екстензии веднаш почнаа да ја растегнуваат плачливата хармоника за опасноста од Албанците на Балканот…

Да не го знам командантот Али Ахмети, би помислил дека е пак некаква парасрпска регионална координација во прашање.

ЗА ГРСТ ЗЛАТНИЦИ
А, всушност, додека го слушам Али Ахмети како деновиве пелтечи по разни телевизии и трибини, си мислам што ти е трагедија во политиката кога ќе ти помине времето да се пензионираш кога си на врвот од славата. И тоа малку углед што денеска му е останат, Ахмети неуморно го распродава со трикчиња смислени во најзадушливите балкански крчми – каква иронија, на пат е да замине на историското буниште заедно со најдолните македонски шовинисти, „за грст златници“ што барабар ги испокрадоа од сопствениот народ. Тажно.

Што е право, Груевски и неговата партија навистина пред и по изборите се надминаа себеси во напорите да ги навредат, да им се заканат, да ги омаловажат и да ги понижат и Ахмети и ДУИ и Албанците. Можеби единствено останува уште Груевски лично да отиде во Мала Речица и – се извинувам на мојот француски – да му се посере на Ахмети на сред неговата канцеларија и да се забрише со албанското знаме… Не знам, можда и тоа е во план во, наводните, координации меѓу Муса Џафери и Сашо Мијалков, ќе видиме. На што Али Ахмети, покрај низата други глупости, некни изјавува дека ДУИ „нема префериран партнер во македонскиот политички блок“.

Тоа значи дека ДУИ, секако, ќе направи нова владејачка коалиција предводена од СДСМ. Од тоа бегање нема, а особено не на нови избори: подготвен сум да се обложам дека по такви евентуални избори ДУИ не ќе може ни пратеничка група да состави во Собранието, освен ако не се здружи со Мендух Тачи, за да стигнат, заедно, до пет-шест пратеници. Таа едноставна политичка логика упатува на тоа дека единствената шанса да го преживеат своето релативно исчезнување за ДУИ е да влезе во коалиција со СДСМ и искрено да почне да се занимава со две работи: макар и со сопствено воздржување од кочење на процесите, да придонесе за повторна изградба на македонската правна држава (е, да, ќе има апсења, што да се прави!) и, колку-толку, да се откаже од висока корупција и криминали, за да може македонсково стопанство и општество во догледна иднина да застанат на здрави нозе.
Единствено заедно, Македонците и Албанците во оваа држава ќе имаат сили да ги поправат штетите што ги направија ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со своето еднодецениско владеење. Треба само уште некоја недела да се издржи, без голема нервоза, „Театарот од Мала Речица“.

Колумната на Сашо Ордановски е објавена во Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e