Денеска последен училиштен ден за основците и средношколците

За основците и средношколците денеска завршува учебната 2025/2026 година, а од утре започнува долгоочекуваниот летен распуст кој ќе трае до 31 август.
За повеќе од 14.500 матуранти наставата заврши уште на 15 мај. Нив сега ги очекува завршниот дел од полагањето на државната матура. На 11 јуни ќе го полагаат задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, додека кандидатите за државна стручна и уметничка матура ќе полагаат на 12 јуни. Изборниот екстерен предмет беше полаган на 6 јуни.
Според податоците, од вкупно 14.587 пријавени ученици, државна матура ќе полагаат 12.184, државна стручна матура 2.276, а државна уметничка матура 127 ученици.
Во меѓувреме, полуматурантите се подготвуваат за упис во средно образование. Електронското пријавување ќе се врши преку порталот Uslugi.gov.mk, а документите ќе се доставуваат во училиштата каде што учениците конкурираат.
Првото електронско пријавување е од 12 до 15 јуни, второто на 23 јуни, додека во августовскиот уписен рок пријавувањето ќе биде на 20 август.
Со конкурсот на Министерството за образование и наука се предвидени повеќе од 25.000 слободни места во 109 јавни средни училишта во државата, од кои над 17.000 во стручното образование, речиси 6.000 во гимназиското и 570 места во уметничкото образование.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e