Македонскиот јазик е еден од најцврстите темели на македонскиот идентитет. Токму затоа, неговото зачувување кај најмладите генерации во дијаспората е главната мисија на „Домче“ – првата дигитална платформа создадена специјално за македонски деца кои растат надвор од татковината.
„Само неколку минути дневно се доволни детето да слуша македонски, да игра, да се смее и да ја открива Македонија на забавен и современ начин. Првите зборови што детето ги учи се ‘мама’ и ‘тато’, а содржините во апликацијата се приспособени на возраста и јазичното ниво на секое дете – без разлика дали само го разбира македонскиот јазик, почнува да го говори или веќе го зборува течно. Наместо класичен пристап кон учењето, ‘Домче’ нуди игри, приказни, гатанки, брзозборки, сложувалки и интерактивни активности преку кои децата природно ги усвојуваат македонскиот јазик и кирилицата. Но, ‘Домче’ е повеќе од апликација за учење јазик. Преку внимателно создадени содржини, децата се запознаваат со македонската култура, традиции и знаменитости, градејќи врска со своите корени и со земјата од којашто потекнуваат“, се истакнува во известувањето на создавачите на апликацијата.
Станува збор за проект чија цел е да им помогне на децата во дијаспората да останат поврзани со својот мајчин јазик, култура и корени, преку содржини прилагодени на нивната возраст и знаење. Целта на „Домче“, се вели, е секое македонско дете во иселеништвото да го има на дофат и да го користи – не затоа што мора, туку затоа што сака.
Обичната веб-верзија на „Домче“ беше пуштена во употреба на 5 мај 2026 година, на Денот на македонскиот јазик, а од денес, програмата е достапна и во облик намобилна апликација којашто може да се преземе преку „Ап-стор (App Store)“ и „Гугл плеј (Google Play)“. Пораката што ја носи „Домче“ е едноставна – секое македонско дете, без разлика каде живее, заслужува да си го негува јазикот и да може да разговара со своите баба и дедо на македонски.
