Вистинска драма се одвивала рано утринава во нова станбена зграда во скопската населба Кисела Вода, каде околу 5 часот избувнал пожар пред влезот на објектот. Силниот чад, детонациите и полициските тропања на вратите ги разбудиле станарите, кои во паника ги напуштале своите домови.
Според сведоштва на жители за 4news.mk, пожарот најверојатно избувнал на електрична инсталација на која извесен период претходно биле изведувани работи. За само неколку минути густ чад го исполнил целиот влез, а ситуацијата дополнително ја влошиле силните детонации кои, според очевидците, звучеле како експлозии.
„Беше како сцена од хорор филм. Се слушаа силни удари како да експлодира нешто. Не знаевме што се случува, само гледавме чад и бегавме надвор. Луѓето беа преплашени, а најтешко беше за семејствата со мали деца. Преживеавме огромен стрес“, раскажуваат вознемирени станари.
Во моментите на паника, родители ги земале своите деца и бебиња во раце и трчале по скалите за да се спасат од чадот и огнот. Дел од станарите успеале да излезат надвор само во пижами и боси, без можност да понесат документи, мобилни телефони или други лични предмети. Детонациите се слушале и на повисоките катови, што дополнително ја зголемило неизвесноста и стравот кај жителите.
По пожарот, зградата останала без електрична енергија, а станарите се загрижени дека целосната санација на оштетената електрична инсталација би можела да трае со недели, па дури и цел месец. Стравуваат дека во наредниот период ќе се соочат со сериозни проблеми во секојдневното функционирање.
Особена загриженост кај жителите предизвикува фактот што во приземјето на објектот се наоѓа игротека и простор каде секојдневно престојуваат голем број деца.
„Среќа што пожарот избувна во раните утрински часови, кога таму немаше деца. Не сакаме ни да помислиме какви ќе беа последиците доколку ова се случеше преку ден“, велат станарите.
Полициски екипи од утрово се присутни на местото на настанот, додека надлежните служби вршат увид за да ги утврдат точните причини за пожарот. Жителите бараат темелна истрага, утврдување на евентуална одговорност и брза санација на штетите, со цел зградата што поскоро да се врати во нормална функција.
