СДСМ бара итна и системска реакција од институциите по прогласувањето на епидемијата на западно-нилска треска. Наместо задоцнето гасење на пожарот, потребни се конкретни мерки, навремена превенција и јасна одговорност, порача Кети Штерјова од СДСМ, на денешната прес-конференција.
„Доста беше играње со здравјето на луѓето. СДСМ бара веднаш Формирање Национален оперативен штаб со јасна одговорност, Национална GIS карта на епидемијата и ризикот. Интензивен ентомолошки надзор, тестирање на комарци за западно-нилски вирус. Мапирање и уништување на местата за размножување, интегрирана контрола на векторите, јавен дневен извештај за состојбата и проценка на ризикот во цела држава. Справување со епидемија не е прскање против комарци и прес-конференција. Мора да има силен системски одговор со сет на мерки и активности.Државата мора да го заштити здравјето на граѓаните”, рече Штерјова.
Притоа, Штерјова посочи дека и оваа здравствена криза, како и кризата во Гостивар, покажа дека власта на Мицкоски нема капацитет навреме да реагира и да го заштити здравјето на граѓаните.
„Новата криза со епидемија од западно-нилската треска потврди дека власта на Мицкоски задоцнето реагира. Нема капацитет да превенира и да го заштити здравјето на граѓаните, туку реагира дури откако кризата ќе ескалира.Граѓаните веќе знаат – оваа Влада реагира реактивно, кога проблемот ќе ескалира, кога веќе има пациенти и заразени. рече Штерјова.
Таа додаде дека западно-нилската треска не е непознат ризик и дека институциите имаа обврска навреме да спроведат превентивни мерки и мониторинг.
„Западно-нилската треска не е нова болест. Комарците не се појавија вчера, климатските услови не се појавија вчера, а ризикот од вектор-преносливи болести не е непознат. Не станува овде збор само за прскање од комарци туку за сериозни здравствени мерки и системска интервенција. Потребен беше само функционален систем што ќе ги поврзе сите овие институции пред да дојде до епидемија – систем кој Мицкоски не знае да го воспостави.Никој од власта не кажува дали е спроведен ентомолошкиот мониторинг, тестирањето на комарците, дали има национална карта на ризик?” рече Штерјова.
