Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, најави дека размислува за повлекување од политиката по 25 години активна политичка дејност, но посочи дека неговите сопартијци сметаат дека сè уште е рано за негово заминување.
Во интервју за РТВ21, Ахмети рече дека долгогодишниот ангажман и постојаните активности носат големо оптоварување, но дека неговото присуство, според мислењето на сопартијците, и понатаму е потребно.
Тој посочи дека ДУИ веќе поминала низ кадровско освежување, при што, според него, над 83 отсто од раководните структури се нови и млади лица.
Говорејќи за иднината на земјата, Ахмети ја истакна потребата од меѓуетничка стабилност и продолжување на евроатлантскиот курс.
„Северна Македонија не може да опстане и да преживее без Албанците. Албанците во оваа земја не се малцинство, туку државотворен фактор“, порача Ахмети.
Тој додаде дека стабилноста, според него, зависи од хармонијата меѓу двете најголеми етнички заедници, решавањето на отворените прашања и продолжувањето на патот кон Европската Унија и НАТО.
Ахмети со ова остава отворена можност за свое повлекување од активната политика, но засега не најавува конкретен датум за заминување.
