Поради високите температури зголемен е бројот на повици до Итната медицинска помош (ИМП). Дневно има повеќе од 200 повици, најчесто поради интервенции на јавни места каде граѓани колабираат или поради влошена здравствена состојба кај лица во домашни услови.
Ова за МИА го изјави Даниел Георгиевски од Итната медицинска помош, кој посочи дека бројот на интервенции поврзани со топлото време е зголемен во споредба со другите периоди од годината.
„Просечно интервенции на ИМП поврзани со колапси има меѓу три и пет дневно, но во одредени денови бројката е и поголема. Има повеќе повици од граѓани со симптоми како лошење, гадење, прегревање на телото и топлотен удар, а многу често успеваме да помогнеме и со совети“, изјави Георгиевски за МИА.
Тој предупредува дека високите температури особено влијаат врз хронично болните лица, кај кои може да дојде до влошување на кардиолошката состојба, појава на срцеви и мозочни удари, како и промени во крвниот притисок.
Од Итната медицинска помош препорачуваат избегнување директно изложување на сонце во периодот од 11 до 17 часот, внесување доволно течности, пред сè вода, избегнување алкохол и носење лесна облека и заштита за главата при излегување.
Граѓаните кои по подолг престој на сонце ќе почувствуваат вртоглавица, гадење или слабост треба веднаш да се засолнат во разладена просторија и да внесат повеќе течности.
Георгиевски советува и внесување полесна храна, редовно земање терапија кај хронично болните, мерење на крвниот притисок, а кај дијабетичарите и редовна контрола на нивото на шеќер во крвта.
