Најголемиот број регистрирани случаи на западнонилска треска во Македонија се во Скопскиот регион и во Велес, информира министерот за здравство Сашо Клековски, најавувајќи засилени мерки за контрола на комарците.
Околу домовите на сите заразени лица се спроведени вонредни прскања против комарци во радиус од 200 метри, а дополнителни активности се преземаат во општините каде што има најголем ризик.
Како најкритично подрачје е посочено Драчево, каде се потврдени пет случаи на западнонилска треска. Таму, според министерот, било извршено прскање од земја, кое е поефикасно бидејќи директно ги опфаќа местата каде се задржуваат комарците.
„Голем дел од општините ги почитувале планираните термини за третман против комарци, но потребна е и лична заштита од страна на граѓаните“, изјави Клековски.
Тој апелираше граѓаните да не оставаат застојана вода во дворови, градини и други места, бидејќи токму таму комарците најчесто се размножуваат.
Министерот објасни дека западнонилската треска не се пренесува директно од човек на човек. Природни домаќини на вирусот се дивите птици, а комарците се преносители кои го пренесуваат вирусот на луѓето.
Клековски потсети дека болеста не е нова во земјава, а најмногу случаи биле регистрирани во 2019 година. Дополнително, тој информираше дека се спроведува и тестирање на даруваната крв за да се спречи можен пренос преку трансфузија.
Тој предупреди и на зголемен ризик од заразни болести кај патници кои се враќаат од тропски региони, посочувајќи дека годинава во Македонија се регистрирани и случаи на маларија, денга и зика вирус.
