ВМРО-ДПМНЕ и дегруевизацијата

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Адамовски за Независен.

-Изгледа дека е во право поранешниот премиер Никола Груевски кога вели дека во негово време, мислејќи на десетте години поминати на чело на Македонија, не знаел ниту еден судија. Ако им се верува на „бомбите“ што ги емитуваше тогашната опозиција, а сегашна власт, за судиите биле одговорни некои други лица од неговото најблиско опкружување. Груевски немало потреба лично да ги запознава.

А во право е и кога вели дека судиите сега ги запознава благодарејќи на процесите што се водат против него. Како тргнало, ќе има многу можности за тоа.

Судењата во кои тој е обвинет продолжуваат и неделава, додека неговите сопартијци се подготвуваат за големиот саботен митинг пред зградата на Владата во центарот на Скопје. Прашање е дали довчерашниот лидер ќе се појави во поворката што ќе бара оставка од премиерот Зоран Заев, но се знае оти за него ќе нема место на говорницата пред оградите на „Илинденска“. Почесниот претседател може единствено да го слуша актуелниот лидер, кој се устоличи на фотелјата со негова поддршка на конгресот во Валандово.

Тука е клучната хипотека врз грбот на Христијан Мицкоски и новото раководство. Како да расчисти со името и делото на долгогодишниот партиски претседател, кој и натаму има статус на икона меѓу добар дел од членството, но против кој се водат сериозни судски процеси, а изречена му е и првата пресуда?

ВМРО-ДПМНЕ долги години беше игнорирана од светските центри на моќ. Декларативно определени за членство во Европската Унија и во НАТО, флертувајќи со Русија и со автократскиот стил на владеење, самите се доведоа во ситуација да бидат изолирани во овие 25.713 квадратни километри простор што сѐ уште се нарекуваат Република Македонија. Немајќи храброст гласно да кажат што сакаат, водеа политика од ден за ден, не препознавајќи ги опасностите што се криеја. По смената на Груевски, новото раководство побрза во Брисел и во Вашингтон за да покаже и докаже оти доаѓаат нови времиња. Беа ветувани и промени во целокупната политика, дел од нив можат да се видат, а за други треба време, но дегруевизацијата, доколку во партијата цврсто го сакаат тоа, бара порадикални чекори.

Партијата и претседателот Мицкоски не можат довека да одбегнуваат да го коментираат блиското минато, без оглед какво и да сметаат дека било. Храбро е да се каже дека стојат зад сите политики на Груевски или, обратно, ги осудуваат оние што сериозно ја поткопаа демократијата. Колебливоста не е одлика на политичар што аспирира утре да стане премиер на Македонија. Да, не е лесно да се расчисти со хипотеките, но еден ден ќе мора и тоа да се случи.

Целата колумна прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e