Трета шанса

Ретко е за една држава да добие втора шанса на реформирање на своето општество, а уште поретко да се има и трета. Македонија својата прва шанса ја имаше кога (мировно) прогласи независност од Југославија, втората со Охридскиот рамковен договор, и третата со Договорот за решавање на македонско – грчкиот спор за името и за стратешко партнерство (Договорот за името). Иако има многу од граѓаните на Македонија кои оваа или и втората шанса на Македонија не ги гледаат како такви, јас мислам дека со секој чекор Македонија оди напред, и последната шанса што ја имаме пред нас не е исклучок.

Ги разбирам многу од моите сограѓани кои не се согласуваат со промена на името и со договорот. Исто така разбирам дека оваа одлука нема да биде лесна за многу други, затоа што е важна одлука, за многумина е и многу лична одлука, а со таквите одлуки, размислувањето е секогаш важно. Не можам да тврдам дека ги разбирам тие кои нивната несогласност ја прикажуваат со националистички и расистички гнев, затоа што тој гнев никогаш не сум можела да го разберам. Важно е да имаме отворено промислување и дебата за големата одлука пред нас, со тие што се согласуваат и не се согласуваат. Во оваа дебата нема никаква потреба на поттикнување омраза, напротив, во моментот кога омразата се вклучува во дискурсот, дебатата се губи. Затоа многу е важно на каков начин политичките партии, медиумите, невладиниот сектор и јавните личности дебатираат. Иако е многу разбирливо да има различни мислења, неприфатливо е да се шират (намерно) погрешни тврдења. За една важна одлука како што е таа пред нас, потребно е граѓаните да сфатат за што точно гласаат. Не смееме да ги повториме стратегиите на Brexit кампањата каде што гласањето беше базирано на опасни невистини зашто потоа можеме и ние да се разбудиме со чувството дека самите си ја убивме иднината врз база на сензационалистички и невистинити тврдења. Исто така, Владата има многу голема улога во формирање јасен план за понатаму, за граѓаните да можат да имаат јасна визија и да се спокојни во знаењето дека ако ја донесат тешката одлука за промена на името, тоа ќе вреди нешто, дека Македонија ќе има јасна патека кон ЕУ и НАТО и кон видливо подобар живот.

Исто од искуството на Brexit можеме да научиме една друга лекција што ќе биде важна при одлуката на промена на името, а тоа се младите. За Brexit гласот ЗА го даде постарата популација, додека младите повеќето гласаа против. Не знам која ќе биде демографијата на гласачите на референдумот, но како помлад човек ве замолувам да мислите на иднината, а не на минатото кога ќе размислите за гласањето. Отворање перспективи за младите луѓе е поважно од кога било во Македонија. Многумина, вклучувајќи ме мене, сме одлучиле да ја напуштиме Македонија за подобра иднина. Но многу од нас сепак ја гледаат Македонија како дел од нивната иднина, јас сакам да се вратам, а враќањето, на кој било начин, дали засекогаш, за бизнис, или за одмор, се олеснува кога се враќаш во место што нуди сигурност, доверба, можности и отвореност кон светот. Со промена на името неколку важни пречки се елиминираат, други пак остануваат. Одлуката за промена на името ќе биде одлука за промена на иднината, и политичките партии и јавните институции ќе мора секогаш да го имаат тоа во предвид, и да работат за постигнување на целите кои ќе ни бидат отворени како резултат на ова промена.

Сосем на крајот, не можам да не го споменам потенцијалното значење на оваа трета шанса без да ја поврзам со втората, а тоа не е само затоа што и двата договора беа потпишани на брегот на две наши убави езера. Со новото договорено име, имаме шанса да се редефинираме подлабоко во однос на тоа како ја гледаме државата и нејзините граѓани, цел која за жал не беше постигната со Охридскиот рамковен договор, но која може да се постигне сега. Една Македонија која им припаѓа на сите, а не само на етничките Македонци. Тука морам да се осврнам и на една опасна перцепција во поглед на мислењето на Албанците за името. Тие Албанци, граѓани на Македонија, кои ќе гласат за промена на името (повторно не знам која ќе биде демографијата на гласачите) нема да го направат тоа поради недостиг на почит кон името или своите сограѓани. Ако тие гласат за промена на името не го прават тоа од чувство на гнев, туку од надеж на промена. За многу Албанци ова претставува една шанса на формирање на една Македонија која реално не вклучува сите.

Во духот на новата Македонија пред нас, јас си дадов себеси храброст да пишувам за оваа тема за која многу сограѓани можеби мислат дека не треба. Но причините за овој став се многу едноставни: јас во овој нов имиџ на Македонија не гледам теми за “нив” и за “нас” туку теми за сите. Во ова нова Македонија институциите работат за сите. Во ова нова Македонија сите се послободни да го дефинираат својот живот, во нов дух, и со надеж, а кому не му треба надежта?

Лура Положани

асистентка на Центарот за југоисточни студии на Универзитетот во Грац

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e