Пиромани преоблечени во пожарникари

За првпат во 200 години, американскиот Капитол, под команда на претседателот Доналд Трамп, потклекна пред нападот од илјадници насилни „патриоти“ кои, неколку часови, ја окупираа веројатно најважната зграда на светската демократија. Во директен пренос на десетици телевизиски и дигитални платформи, буквално целиот свет, во шок и неверување, го сведочеше демолирањето не само на седиштето на американскиот државен сојуз, туку и на смислата на современата демократија: кога ќе изгубиш на фер избори, да го признаеш поразот и мирно да си заминеш од власта.

Големата толпа возбудени и изманипулирани „домољуби“, по долги месеци подготовки и планирања, беше предводена од поголем број добро вооружени и опремени професионалци (застреланата жена, на пример, е поранешен офицер на американското воздухопловство, со највисоки безбедносни пропусници, „вљубена во Трамп“), чијшто синџир на команда допрва ќе се утврдува. Веќе се откриени возила полни со оружје и „молотови коктели“, пронајдени се (и деактивирани) две бомби поставени во околината на зградата, а додека ова го читате се случуваат апсења на осомничени чијашто бројка сè уште не се знае, но секако ќе биде во десетици.

ДАЛЕКУ Е БУДИМПЕШТА

Истрагата ќе покаже дека колосалните пропусти во обезбедувањето на целиот протест, како и на самата зграда на Конгресот, веројатно не биле случајни. Ќе се откријат и комуникациските канали на давањето наредби за координација и ескалацијата на оваа опасна „парада“ кои бездруго ќе водат до највисоките нивоа на Белата куќа (Руди Џулијани и Трамп Џуниор самите се „пријавија“), на чело со Доналд Трамп. Квалификативите „одметници“, „пучисти“ и „домашни терористи“ (се цитираат дефиниции за „тероризам“ од учебниците по право) се најчесто употребуваните политички и правни описи за изведувачите на оваа неверојатна антидемократска, политичка и безбедносна бламажа.

Всушност, единственото чудо е што во овој обид за пуч, наместо четири жртви, нема стотици мртви и повредени. Драмата сè уште не е завршена. Конгресот, сепак, некни, длабоко во ноќта, си ја спроведе својата уставна обврска и во решителна републиканско-демократска акција, протоколарно го прогласи Џозеф Бајден за нов американски претседател кој за петнаесетина дена ќе стапи на функција. Политичката „опсада“ се пресели во Белата куќа и не е исклучено Доналд Трамп деновиве да биде прогласен за неспособен за натамошно извршување на претседателската функција. На крајот, никој нема да биде изненаден доколку збрлавениот ПОТУС биде изнесен од Овалната соба или со лисици или со лудачка кошула на рацете.

Далеку е Вашингтон до најблиската странска граница, има многу за летање. Додуша, за продолжување на сопствената политичка кариера и за дефинитивно располовување на Републиканската партија, на Трамп повеќе му одговара да се претвори во жртва-паталец, одошто во кукавица-бегалец… (За што, на пример, нашиот кукавица-бегалец немаше доволен капацитет во меѓуножјето.)

Целата колумна на Сашо Орданоски за Цивил медиа на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e