Две деца од Македонија, на 7 и 12 години, загинаа во сообраќајката во Словенија

Тројца македонски државјани, од кои едно полнолетно и две малолетни лица, го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што се случила на 27 август на автопатот А1 во Словенија, во близина на Унец.

Според информациите од Министерството за надворешни работи, до македонската амбасада во Љубљана е доставено официјално известување од словенечката полиција за несреќата. Во возилото се наоѓале вкупно пет македонски државјани, од кои уште две лица се повредени.

Според првичните информации од словенечките власти, во несреќата учествувале товарно и патничко возило. Камионот бил запрен поради дефект, а патничкиот автомобил удрил во задниот дел од приколката. Едно од повредените лица било пренесено во болница со медицински хеликоптер, додека другото било транспортирано со возило на Итната медицинска помош.

Случајот го истражуваат надлежните полициски органи во Копер. На местото на несреќата биле присутни полиција, пожарникари, државен обвинител и истражен судија, а истрагата за причините и околностите продолжува.

Од Министерството за надворешни работи информираат дека Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е во постојана комуникација со словенечките институции и го следи понатамошниот тек на постапката.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e