Во Осоговскиот манастир „Свети Јоаким Осоговски“ денеска ќе биде одбележан празникот на преподобниот Јоаким Осоговски со Света Архиерејска Божествена Литургија. Со богослужбата ќе чиноначалствува Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј, а во сослужение ќе бидат и други архијереи на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Празникот и годинава во манастирот ќе ги собере бројните верници кои доаѓаат во Крива Паланка за да му оддадат почит на еден од најпознатите подвижници на православието на овие простори.
Преподобниот Јоаким Осоговски се подвизувал во втората половина на XI век на Осоговските Планини, на местото наречено Сарандопор, каде што живеел во една пештера.
Според преданието, на местото каде што се подвизувал светецот подоцна црква подигнал друг подвижник, Теодор од Овче Поле. На Теодор, според преданието, Свети Јоаким му се јавил во сон и му го покажал местото каде што треба да биде подигнат храмот.
Од моштите на преподобниот Јоаким Осоговски низ вековите, според црковното предание, се случиле бројни исцеленија и други чуда, поради што неговото светителско почитување продолжува и денес.
Во црковните песни посветени на светецот, тој е опеан како пустиножител, чудотворец и богоносен отец, кој преку постот, бдеењето и молитвата се удостоил со небесни дарови и им помага на оние кои со вера му се обраќаат.
„Пустински жител и во тело ангел, и чудотворец се покажа, богоносен оче наш Јоакиме“, се вели во тропарот посветен на преподобниот.
Осоговскиот манастир денес е едно од најзначајните православни светилишта во Македонија, а празникот на неговиот небесен покровител традиционално се одбележува со свечена богослужба и големо присуство на верници.
