Макрадули: Додека власта дели функции, Македонија ги празни училниците и ги губи младите

„Политиката е сериозна работа. Водењето држава, уште посериозна“, порача Јани Макрадули, критикувајќи ги политиките на власта и начинот на кој се носат одлуки за иднината на државата.

Тој посочи на, како што наведе, 315 милиони евра долг на државата кон приватниот сектор, 300 паралелки помалку и 26 училишта пред затворање, оценувајќи дека наместо да се создаваат услови младите да останат во земјата, се бараат решенија како да не заминат.

Макрадули се осврна и на идејата за ограничување на иселувањето, нагласувајќи дека младите нема да останат затоа што немаат виза, туку затоа што ќе имаат причина да останат.

„Не како да ги задржиме луѓето, младите, овде по секоја цена, туку како да изградиме држава во која останувањето ќе биде избор, а не жртва“, порача Макрадули.

Во својата реакција тој се осврна и на политичките функции и реконструкцијата на Владата, но и на односот кон жителите на Пехчево, повикувајќи ја СДСМ да се огради од, како што вели, навредите кон нив.

Според него, за прашањата поврзани со инвестициите, инфраструктурата и ресурсите потребен е аргументиран разговор, а не навреди.

„Политиката е борба со идеи, но исто така е и прашање на карактер. Тоа е преземање одговорност за иднината на нашите деца и за тоа каков свет ќе им оставиме“, порача Макрадули.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e