Очи ширум затворени

Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Катерина Блажевска за Призма:

-И покрај падот на Груевски, политичкото слепило што тој го инсталираше во изминатата деценија во општеството, продолжува оранжериски да се негува во атарот на партијата. Свесно или несвесно, партијата остава тоа семе на раздорот повторно да биде развеано од пропагандни ветрови „ерга омнес“.

Новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, за жал, досега не покажа јасни сигнали дека ќе „прогледа“ низ поинаква диоптрија. Не само заради реформа на партијата, и не само заради проширување на хоризонтот на нејзиниот коалициски капацитет кој сега е тотално мртов, туку, пред сѐ заради заздравување на длабоките лузни што таа претходна политика ѝ ги предизвика на државата. Се разбира, ако постои искрена грижа за државата.

Дали? Суетата, која е лош придружник на секој што сака да направи промени, покрај тоа што оневозможува вистински промени внатре во партијата, се покажа во целиот „раскош“ и по прашањето за договорот помеѓу Грција и Македонија. ВМРО-ДПМНЕ покажа дека е подготвена да ги смени само рамките на очилата, но не и диоптријата. Слепилото за предизвиците и шансите пред кои се наоѓа земјата, еволуираше во вмровски модел на необјаснива екстаза пред нешто што не постои. Не постои ни „капитулација“, ни „предавство“, ни „етноцид“, туку стартна шанса Македонија да излезе од децениската стагнација и бесперспективност.Но, опозициската партија не се воздржува тие тешки зборови разлеани како мисловни секрети да ги шири како „непобитна вистина“ пред својата публика. Бидејќи на таа публика никогаш и не ѝ ја понудила верзијата на вистината. Ја навикнала да верува дека сите ја мразат Македонија и дека нерешавањето на проблемите со соседите е синоним за „вистинска национална одбрана и знак на самопочит“.

Очигледно, опозицијата се определи за полесниот, но многу неодговорен пат: да дистрибуира лажни преводи и толкувања на договорот и да шири лаги. Само слеп водач не може да види кому му оди во корист ваквото шарлатанство во толку сериозни моменти за земјата. Вмровскиот однос кон договорот, ги јакне апетитите на оние кои ставот на оваа партија го користат за да наметнат впечаток дека во земјата се бара „друга алтернатива“, затоа што противењето кон договорот де факто значи противење за членство во ЕУ и НАТО.

Колумната во целост прочитајте ја на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e