Малески: Теоретски, декретот на Бајден може да ни ја испразни политичка сцена

Во „Извршната наредба за блокада на имот и спречување влез во САД за одредени лица кои придонесуват кон дестабилизација на состојбата на Западниот Балкан“, донесена од американскиот претседател Џо Бајден, меѓудругото, беа потенцирани и два клучни договори за земјава – Охридскиот и Преспанскиот. За оние кои ќе директно или индиректно ќе ги поткопуваат тие договори, САД ќе одговорат со санкции. За оваа одлука, за причините поради кои е донесена, и за овдешниот однос кон двата договора, разговаравме со Денко Малески, прв министер за надворешни работи во независна Македонија.
-САД очигледно оцениле дека продолжува старата пракса на нашите националисти – да уживаат во мирот, но да ги негираат алатките кои доведоа до тој мир, вели проф. Денко Малески за Дојче Веле.
-Американците имаат еден израз: Нема бесплатен ручек. Три децении по ред, од моментот кога балканските национализми добија демократски легитимитет, националистите имаат бесплатен ручек. Имено, од првите денови на независноста на југословенските републики демократијата им даде демократски легитимитет на националистите. Новото сега, е што со декретот на американскиот претседател Џо Бајден на националистите во Македонија, па и на Балканот, им се ускратува привилегијата на тој бесплатен ручек. Уште пред две децении, чинам Викторија Нуланд, сега трет човек во американскиот Стејт дапартмент, им забележа на македонските политичари дека ја злоупотребуваат Америка. Дека спијат мирно под заштита на Америка која бдее над мирот на Балканот, за кога ќе се разбудат да почнат беспоштедно да ја критикуваат. Не обзирајќи се на ова нефер, но и бедно поведение на македонски политичари и интелектуалци, Америка продолжи да инвестира во мирот на Балканот, ширејќи и стабилизирајќи ја евроатлантската зона на демократски држави. Инвестираа во Охридскиот договор кој ја прекина војната во Македонија и ја постави државата на колосекот на мир и просперитет преку рамноправност на етничките заедници. Инвестираа и во Преспанскиот договор кој ја извлече Македонија од изолација и ја седна на масата на НАТО сојузот, давајќи и на државата безбедносна осигурителна полиса. Очигледно оцениле дека овие инвестиции се загрозени денес и дека треба да се бранат и со активна американска политика. Зашто, старата пракса на нашите националисти – да уживаат во мирот и да ги негираат алатките кои доведоа до тој мир (Охридскиот и Преспанскиот договор), продолжува. Имам впечаток како незадоволството со решенијата од Охрид и Преспа да расте како што расте економската и ковид-кризата, појаснува Малески.
Целата тема на Катерина Блажевска за Дојче Веле прочитајте ја на следниов ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e