Јовановиќ: Имаш 433 паралелки помалку, ама истиот број на наставници на државна цицка

Сериозно, луѓе, погледнете ја оваа математика од Министерството за образование.
Изгубивме 3.000 првачиња за само една година. Три илјади! Тоа не е пад на наталитет, тоа е евакуација. Едвај 14.500 деца ќе седнат во клупите на први септември. За некоја година, единствениот начин да наполниш училница во Македонија ќе биде ако организираш бесплатен ручек за пензионери или партиски состанок за вработување во администрација.
Mојот омилен дел е изјавата на министерката:
„Ги споивме одделенијата, затворивме 26 училишта, ама гарантирам — ниеден наставник нема да добие отказ!“
Вуау.
Брилијантно.
Имаш 433 паралелки помалку, ама истиот број на наставници на државна цицка. На кого ќе му предаваат тие луѓе? На духовите на децата што веќе учат германски во Минхен? Ќе оценуваат писмени работи на невидливи ученици?
„Пере, денес не си присутен бидејќи твоите родители се преселија во Франкфурт, ама еве ти петка за активност во отсуство!“
Тоа е како да затвориш фабрика за чевли, ама да ги чуваш сите работници да седат во празната хала и да зјапаат во машините. А додека образовниот систем ни се собира како евтина маица на перење, веднаш под таа вест на порталот стои следниот бисер:
“Квадрат во Скопје скокна на над 2.150 евра”.
Тоа е тој генијален економски модел. Децата исчезнуваат, училиштата се затвораат, луѓето бегаат, ама бетонот во Аеродром и Карпош вреди како да е со поглед на Менхетен! За кого ги градите тие згради со тие цени? За наставниците што немаат на кого да предаваат? Кој ќе живее во тие станови за десет години? Стаорците и партиските ботови?
Ако Македонија продолжи со ова темпо, наскоро „едносменска настава“ нема да значи дека децата учат само наутро. Тоа ќе значи дека во цела држава остана само една смена од едно дете, а министерството ќе му купи 600.000 учебници за да има со што да го потпре креветот.
ФБ став на Ненад Јовановиќ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e