Јовановиќ: Браво за Димитров што му опонира на славниот Питер Хандке

„Мора да се спротивставиме на негирањето на геноцидот“, порача денеска преку Твитер шефот на македонската дипломатија Никола Димитров. Тој соопшти дека му дал инструкции на амбасадорот на Северна Македонија во Шведска да не учествува на вечерашната церемонија во Стокхолм.

„Зошто браво за Никола Димитров“?

Прво, темата е изопштена. Многу е проблематична позицијата на Хандке – дали ние го проблематизираме „ликот“ или го проблематизираме „делото“, а може и да ја проблематизираме самата „Нобелова награда за книжевност“.Самата работа дали ние го проблематизираме ликот или делото на „прва топка“ доволно е сложена, доволно е контроверзна, има премногу нијанси, со милиони исклучивости, примедби, што од друга страна ни кажува дека нема еден и единствен одговор.

Е сега, сакам на почеток да бидам совршено јасен: јас не го проблематизирам прашањето „дали Хандке требаше да добие нобелова награда за книжевност“, затоа што самото прашање е потполно бесмислено; секој добар писател веројатно треба да добие нобелова награда за литература. Велам „веројатно“ затоа што јас сум потполно рамнодушен на Хандкеовата книжевност. И тоа е мој „приватен“ читателски вкус ако сакате, став ако сакате, или можеби тоа е моја последица на некои околности ако сакате. А можеби не сме се сретнале во некој „даден момент“, тој мене како писател, јас како негов потенцијален читател.

Ако бев јас во жирито за Нобелова, ќе гласава за Кундера. За мене Кундера од Хандке е далеку по релевантен во секоја смисла. Е сега, важното прашање за кое се кршат копја во овие наши „балкански простори“ е: дали Хандке е морална величина, или Хандке е некоја политичка бараба што ја поддржуваше „српската работа“, па заради тоа ние чувствуваме дополнителна терет околу него да се произнесуваме?

Да скратам: јас не можам да го читам Хандке затоа што ми се поставува прашањето: „што Хандке правеше во 90-тите години од минатиот век“. Некои „граѓански срби“ велат вака: било кога да се појавеше Хандке, на нас србите ни тргнуваше лошо.

Хајдегер, пак, од друга страна, беше брилијантен филозоф, ама беше и стар нациста кој никогаш – барем до крајот на својот живот не рече – жал ми е. Рече само „тоа беше грешка“, ама не кажа чија грешка беше тоа, мислејќи на нацизмот и на холокаустот. Ја имате „Биќе и време“, според многумина најголемата филозофска книга на 20 век, но сепак, не познавам човек што може да ја чита „нормално“, а да не’ се присети што и кого Хајдегер поддржуваше. Има во таа книга нацистички мотиви, тоа го знаат оние кои таа книга ја прочитале. Хајдегер во „Биќе и време“ има брилијантна анализа за „Безличното се’“, таква анализа има и Радомир Константиновиќ во книгата „Филозофија на паланката“. Разликата е што Константиновиќ се бори против тоа се’, вели дека поединецот се втопува во „тоа се’“, а Хајдегер во „тоа се“ гледа вистинска работа, гледа нешто фантастично, го гледа „духот на народот“, гледа битие кое ние како поединци треба да му се предадеме, па дури и да се жртвуваме за тоа „се“.

За Хандке мислам дека е монструозна личност заради неговиот политички ангажман, немам никаков сомнеж дека неговиот политички ангажман беше лудачки. Неговиот политички ангажман во Србија беше ангажман типичен за сите „неоколонијалистички интелектуалци“. Најлошите неоколонијалистички интелектуалци секогаш се антиколонијалисти. Нема полоши колонијалисти од антиколонијалистите.

Тоа ви се оние типчиња кои ќе изберат некој егзотичен политички систем, па потоа го поддржуваат, иако никогаш нема да го практикуваат во својата земја. Или ќе изберат некој „мал народ“ што е во конфликт со некој друг „мал народ“, па така, секогаш некој друг интелектуалец избира да го поддржува во неговата мала и смрдлива етноцентричност.

Јас немам никаков сомнеж дека Хандке како личност е космополит, значи Хандке е се’ она што не беше Милошевиќ, па на некој перверзен начин ги одбра токму Србите да ги поддржува во својата смрдлива етноцентричност. И уште ги поддржуваше во тоа дека треба да останат такви какви што се.

Хандке ги поддржуваше Србите на Милошевиќ во тоа време како некоја егзотика заради која повремено би сакал да се навраќа. Ама во неговата реалност, се разбира, никогаш нема да го напушти предградието на Париз. Таков беше случајот и со егзистенционалистите на 20 век: Бадју, Сарт, Фуко, еден ја обожава Русија, друг Кина или Јужна Кореја, ама сите живеат во кругот на Париз; живеат на три километри од Нотр Дам: одиш на најдобрите кроасани, пиеш најубави француски вина низ париските бистроа, читаш што сакаш, пишуваш за што сакаш, немаш никаков страв дека заради тоа – без разлика колку „радикален би бил твојот став“ – некој ќе ти ја скапе главата. Е, во таква ситуација ти колку за излет и чисто физиолошко издувување ќе поддржиш некој диктатор или политички психопат.

На крајот: ја поздравувам одлуката нашата земја да не’ присуствува на вечерашната свеченост во Стокхолм по повод Нобеловата награда на писателот Хандке.

Димитров, мајсторе, секоја ти чест!

ФБ статус на Ненад Јовановиќ

Ознаки: ,

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e