Изјавата на Јаневска….Неограничена количина на глупавост со која располагаат добар дел од македонските политиканти

Континуираното намалување на бројот на првооделенчиња и затворените 148 училишта недвосмислено укажуваат на тоа дека во потрага по достоинствен живот, голем број од учениците кои денеска седнаа во училишните клупи, порано или подоцна, ќе ја напуштат државата.
Таквото тажно и разочарувачко сознание ја убива магијата на првото училишно ѕвонче, на првата средба со учителката, на радоста од повторната средба со школските другарчиња на учениците од второ, трето и останатите одделенија.
Ама кого денес уште го загрижува тоа? Политичарите далдисани по желбата за власт и моќ, граѓаните обземени со бистрење политика слепо поддржувајќи една или друга опција, а сите заедно до гуша пропаднати во жив песок, живи среќни ако матната ги голтне миг подоцна од првиот до нив.
Малку кој се “затресува“ зад тивкиот колапс на образовниот процес, чии последици се празните училници и закатанчените училишни згради.
Се разбира освен родителите, кои свесни за (не)извесната иднина на своите деца, длабоко во себе како скриена тајна ја гаат надежта дека токму тие ќе бидат среќниците чии деца, сепак, нема да бидат принудени еден ден да ја напуштат родната грутка.
Малоумните изјави на политичарите, како денешната на министерката Јаневска која на првачињата им порача да побарале да стекнат братче и сестриче за да можело затворените училишта во иднина повторно да бидат отворени, само ја потврдува неограничената количина на глупавост со која располагаат добар дел од македонските политиканти, за која ниту науката нема логично објаснување.
Среќна и успешна школска година, драги ученици!
Бидете свои, храбри, разумни и одлучни – не бидете како нас!
ФБ став на Зоран Милошески

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e