Eсмеров: Мицкоски ќе биде опишан во историјата како најголем душман на ВМРО-ДПМНЕ и последeн ваков претседател

Поранешниот амбасадор на земјава во Унгарија во периодот 2014-2018-та година и поранешен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Есмеров, во интервју за порталот Бриф вели дека опозициската партија ги „преспала“ сите важни процеси на меѓународен план и се уште нема конкретен став по овие прашања. Тој бара партијата да организира вонреден конгрес за да се смени лидерот Христијан Мицкоски.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски во неколку наврати и покрај неуспехот на ВМРО ДПМНЕ на изборите не сака да си даде оставка. Зошто Мицкоски треба да си даде оставка?

Есмеров: Mицкоски треба да си даде оставка затоа што во шест изборни циклуси бројот на победи е нула. Едноставен е одговорот. Доколку во шест обида не успеете да победите, логично е да си поднесете оставка.

По толку многу последователни порази логично е да се каже дека ВМРО ДПМНЕ некаде греши. Што мислите, каде ВМРО ДПМНЕ постојано греши?

Есмеров: Грешка беше што партијата го бојкотираше референдумското изјаснување и не се спротивстави по тоа прашање. На краток рок, делуваше дека ќе има позитивен ефект врз гласачите, но на изборите изгубивме. За овие 4 години партијата ги преспа сите важни процеси на меѓународен план и се уште нема конкретен став по овие прашања. Отсуствува и соодветна критика на грешките на СДСМ во економија, здравство, образование итн.

Следуваат нови избори. Што би требало да биде фокус на партијата, доколку сака да дојде на власт?

Есмеров: Фокус на ВМРО ДПМНЕ мора да биде подобрата понуда на соодветни политики. Критиката, без соодветна програмска понуда не носи нови гласачи.

Aко Мицкоски си даде оставка, каков треба да биде идниот лидер на ВМРО ДПМНЕ?

Есмеров: Човек кој ќе ги обедини сите во борбата за подобра економска иднина е идниот лидер на ВМРО ДПМНЕ. Ако слободата ја извојувале нашите предци и ние сега ја уживаме таа слобода, ние треба да извојуваме борба за повисок стандард, посилна економија, посилна наука, стабилно здравство, независна енергетика итн.

Поранешниот лидер на партијата Никола Груевски иако избега во странство се уште се преставува како почесен претседател на партијата. Дали во ВМРО ДПМНЕ се уште се слуша гласот на Груевски?

Есмеров: Не, сигурен сум дека не е вклучен. За погрешните политики на ова раководство се виновни единствено тие.

Колку порази се доволни за да настанат фундаментални промени во опозициската партија. Ја губи ли силата ВМРО ДПМНЕ како најмоќна опозициска партија?!

Есмеров: Доколку не се случи вонреден конгрес, ВМРО ДПМНЕ ќе се распадне. Дополнителен баласт на целата ситуација даваат неколку видни членови кои не се во раководството на Мицкоски, но се доволно блиску за да му направат штета. Тој тоа го знае и засега вешто ги амортизира.

Доколку ВМРО се распадне, некоја друга партија ќе го завземе центро-десниот спектар, но ќе остане срамот за Мицкоски, кој ќе биде опишан во историјата како најголем душман на ВМРО и последен ваков претседател.

Дали за сè е виновен лидерот на партијата? Требаат ли промени и во другите раководни структури на партијата?!

Есмеров: Одредена одговорност има и потесното раководство, особено оние личности кои не се спротивставија на грешните политики кои нè одведоа во меѓународна изолација, одалечување од албанските партии и поделбите во партијата.

И за крај што би им порачале на Вашите сопартијци?

Есмеров: Ajде да седнеме и да разговараме за организација на вонреден конгрес и негово одржување. Тоа ќе нè обедини.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e