Социјалните мрежи се извор на бројни трендови, но и на песни кои умеат да нѐ заразат, дури и на сосема непознат јазик. Една таква од соседството сега целосно ги освои TikTok корисниците.
„На китарата, Васко жабата, тој ште свири драги гости само за вас“, гласи помалку бизарниот текст на песната која брзо ги освои социјалните мрежи.
TikTok е моментално преплавен од содржини со оваа мелодија, а многу корисници веројатно ја споделија без да знаат за што всушност се работи во песната.
Станува збор за веќе виралниот фолк хит на бугарската група „Оркестър Камчия“, а издвоените стихови кои всушност се дел од рефренот во превод значат: „Васко Жабата е на гитара, тој ќе свири драги гости, само за вас“.
Песната која сите ја нарекоа „Васко жабата“ во оригинал всушност се вика „Комбайна-вършачка“, а иако многумина мислеа дека Васко е пејачот на бендот, се покажа дека тој всушност е гитарист.
Иако за прв пат била објавена пред 8 години, благодарение на популарноста што ја стекна преку ноќ, песната сега има 4 милиони прегледи на YouTube, а од минута во минута постојано доаѓаат бројни коментари.
„Да живее Васко Жабата, му благодарам што на сите ни подари ваков класик“, напиша еден корисник, додека друг додаде: „Колку подолго слушам и гледам, толку повеќе го откривам совршенството на ова ремек дело“.
Исто така, „Васко жабата“ не ги избегна ниту другите социјални мрежи, а твитерџиите со него споделуваат мемиња.
Инаку, ова не е прв пат една сосема „непозната“ песна да стане тренд на TikTok. Слична ситуација се случи и на почетокот на годината, кога некои од светските ѕвезди се приклучија на овој тренд снимајќи се на песната на босанскиот фолк пејач Фазлија, „Helikopter“.