Легендарната американска арт-рок група, Таксидомун (Tuxedomoon) на 3 декември ќе одржи концерт во Младински Културен Центар во Скопје.
На овој концерт во рамки на Таксират, гигантите на анвангардната поп музика, ексклузивно и прв пат во целост ќе го изведат својот славен прв албум „Half-Mute“, по повод 35-годишницата на ова, нивно најпознато издание.
„Half-Mute“ е плочата која во 1980 година ги промени тековите на популарната музика, внесувајќи во неа авангардни тенденции. Таксидомун пак, се едно од најголемите имиња на новиот бран кој се појави кон крајот на ’70-тите години и американскиот состав кој, покрај The Residents, беше во жариштето на пост-панк естетиката во уметничкиот андерграунд.
Таксидомун воедно беа и останаа пионери во мултимедијалните настапи и меѓу првите започнаа креативно да ги вкрстуваат видео проекциите со концертните настапи.
Нивните подоцнежни албуми исто така се сметаат за класици: „Desire“ внесе денс елементи во нивната музика, со што го направи бендот уште покомуникативен, а трилогијата „Holy Wars“, „Ship Of Fools“ и „You“ од средината на ’80-тите, дефинитивно го зацврсти нивниот статус на лидери во арт-рок звукот и им обезбеди место во музичките енциклопедии.
Во 2004 година се вратија со нов креативен триумф со албумот „Cabin In The Sky“ 2004, кој на најдобар можен начин го претстави бендот пред новата публика, израсната на дигиталниот звук.
Стожерот во составот на групата, оформена во 1978 година сѐ уште го чинат Стивен Браун, Блејн Л. Реинингер и Питер Принсипл, секој за себе единствена уметничка личност и виртуоз на својот инструмент.
За поврзани вести продолжете надолу