Заев: 2018 ќе биде година на економски раст

Пратениците во Собранието на Република Македонија на вчерашната седница посветена на прашањето за доверба на Владата на Република Македонија, со 62 гласа ѝ изгласаа доверба на владата за нејзината работа. Против изгласувањето доверба гласаа 40 пратеници, а двајца беа воздржани.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во своето обраќање пред пратениците по исцрпувањето на пратеничките настапи и реплики, истакна дека како и во неговото инаугуративно премиерско обраќање во македонскиот парламент пред 10 месеци, така и сега ја повикува опозицијата со активно учество да се вгради во обновата на Република Македонија и да го даде својот придонес и идеи за имплементација на реформите.

Наследивме тотален колапс, блокирани институции, политика поткрепена со регресивни закони кои создадоа услови и амбиент претходната власт да се чувствува непроменлива. Од таквото владеење граѓаните и денеска, како и власта и опозицијата, се соочуваме со последици и закани во системот на институциите“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев како пример наведе дека за договори за Скопје 2014 е наследен долг од 280 милиони евра и дека 280 милиони евра се околу 70 отсто од вкупните пари во буџетот предвидени за капитални инвестиции за оваа година.

Тој нагласи дека за да се создадат услови за темелна промена и за отстранување на последиците од разрушениот систем е неопходна вклученост на сите одговорни политички фактори и време, дека системот мора да се регенерира од внатре во самите институции, и дека тоа мораме сами да го направиме.

Затоа апелирав на одговорно на однесување и инклузивност, на конструктивен придонес за да ги спроведеме реформите, да направиме од Република Македонија современа, европска држава и општество достојно за живот на сите граѓани, без исклучок, и конечно да ги оствариме нашите стратешки цели – членство во НАТО и ЕУ. Да не запаметат како генерација која ги оствари стратешките интереси на државата и на граѓаните“, истакна Заев.

На обвинувањата на опозицијата дека итните реформски приоритети, односно дека Планот 369 доживеал колапс, премиерот Заев укажа на фактот дека Планот 3-6-9, со гласањето на последните закони во Собранието, ќе биде целосно исполнет.

Претседателот на Владата на РМ Заев потсети дека оваа влада го укина владиното рекламирање, организира редовни неделни владини прес конференции, редовно ги објавува дневните редови и записници од владините седници, ги објавува и ги ажурира документите од јавен интерес од страна на министерствата и другите институции

Тој нагласи дека домаќинското и одговорно работење ќе обезбеди повеќе пари за граѓаните, проширување на позитивната листа на лекови, ќе ги награди со повисоки награди дежурствата во здравството, ќе обезбеди пари за да се зголемат субвенциите во земјоделството.

Заев информираше дека показателите за реализацијата на буџетот во 2017 година, особено оние во втората половина на годината после ребалансот, најавија дека 2018 година, ќе биде година на Македонија.

Да издвоиме дека крајот на годината покажа најголема стапка на реализација на капиталните инвестиции. Вкупната реализација на овие инвестиции во 2017 година изнесува 83,6 проценти од проектираното. Ова претставува најголема реализација на капиталните инвестиции од 2013 година. 2018 година, како година на прогрес, година на економски инвестиции, година на севкупен економски раст и развој на Република Македонија. Очекуваме отворање на многу работни места, очекуваме зголемување на БДП-то. Тоа ќе го почувствуваат и граѓаните“, истакна премиерот и додаде дека најголемата ставка во расходната страна на Буџетот за 2018 година е за Социјалната заштита и за децата. Тоа е ставката која ги опфаќа и мерките за намалување на сиромаштијата, како стратешка цел.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e