Шокантни анализи за водата во Гостивар: 48 пати повеќе бактерии од дозволеното, а граѓаните со денови ја пиеле

Основното јавно обвинителство Гостивар откри шокантни детали за еден од најголемите скандали со водоснабдувањето во Македонија. Според истрагата, три лица од ЈП „Комуналец“ – в.д. директорката, техничкиот раководител и раководителот на Одделението за водовод и канализација, се осомничени дека со свои дејствија овозможиле загадена вода од отворен канал да заврши во системот за водоснабдување на Гостивар и околните села.

Според обвинителството, уште на 25 јуни осомничените дале налог до вработени да постават три потопни пумпи во отворен канал со површинска вода за да го тестираат притисокот на водата. Наместо привремен технички зафат, две од пумпите речиси три недели останале во функција и на 16 јули биле затекнати како преку црева ја пренесуваат загадената вода директно во преливната комора на системот за вода за пиење.

Со тоа, според ОЈО, дошло до мешање на вода од отворен канал со водата од главниот цевковод за водоснабдување.

Лабораториските анализи дополнително ја потврдуваат сериозноста на случајот. Во водата од каналот биле пронајдени 2.419,6 колиформни бактерии на 100 милилитри вода, иако максимално дозволената вредност изнесува само 50. Тоа значи дека загаденоста била речиси 50 пати над законски дозволената граница.

Загрижувачки резултати биле утврдени и во каптираниот извор на вода за пиење, каде што наместо нула бактерии, колку што предвидуваат прописите, биле пронајдени 39 колиформни бактерии на 100 милилитри, како и зголемен број на аеробни мезофилни бактериски колонии. Институтот за јавно здравје констатирал дека водата е неупотреблива и небезбедна за консумација.

Дополнително, анализите на водата од чешма во Гостивар покажале и прекумерно количество хлор. Измерени биле 1,1 милиграм на литар резидуален хлор, што е повеќе од двојно над максимално дозволената вредност од 0,5 мг/л. Тоа укажува дека биле преземани итни мерки за дезинфекција, но и дека водата не ги исполнувала законските стандарди за исправност.

Она што дополнително ја вознемирува јавноста е временската рамка на настаните. Според Обвинителството, пумпите биле поставени на 25 јуни, а затекнати во употреба дури на 16 јули. Тоа отвора низа прашања – колку долго загадената вода се мешала со водата за пиење, дали биле спроведувани редовни контроли и зошто институциите не реагирале порано?

Случајот повеќе не може да се третира како технички пропуст или несреќен сплет на околности. Ако наводите на Обвинителството се потврдат, станува збор за сериозно загрозување на јавното здравје на десетици илјади граѓани, кое предизвика стотици случаи со стомачни тегоби и ја отвори најголемата водоводна криза во поновата историја на Гостивар.

Тројцата осомничени се лишени од слобода, а во текот на утрешниот ден јавниот обвинител ќе одлучи дали ќе побара мерки за нивно обезбедување. Истрагата продолжува, но граѓаните веќе бараат одговор на најважното прашање – кој ќе ја понесе одговорноста за загадената вода што завршила во нивните домови?

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e