Македонското земјоделство сè потешко се натпреварува со производителите од регионот и Европската Унија, предупредуваат земјоделците. Разликите во државната поддршка, продуктивноста и условите за производство стануваат сè поголеми, а последиците се гледаат преку намаленото домашно производство и растечката зависност од увоз на храна.
Како пример се посочува Словенија, каде поддршката за сточарите е значително повисока. За едно грло добиток, преку различни мерки, земјоделците можат да добијат и до 2.000 евра помош, додека во Македонија поддршката е под 150 евра. Разликата се чувствува и во производството – словенечките крави во просек даваат од 7.000 до 8.000 литри млеко годишно, додека кај македонските производители просекот е околу 3.000 до 3.500 литри.
Разлики има и кај поддршката за млади земјоделци. Во Словенија почетниците можат да добијат до 50.000 евра неповратна помош, додека во Македонија максималната поддршка е околу 10.000 евра. Земјоделците укажуваат и на разликите во директните плаќања по обработлива површина – во Грција поддршката достигнува околу 1.000 евра за хектар, а во Македонија околу 300 евра.
Според земјоделските здруженија, токму државната политика е една од причините поради кои соседните земји стануваат поконкурентни. Како пример ја наведуваат Албанија, која за само една деценија од земја зависна од увоз на храна се трансформираше во извозник на земјоделски производи.
Македонија, пак, во 2025 година извезла земјоделски производи во вредност од околу 500 милиони евра, но увозот достигнал околу 1,5 милијарди евра, што создава значителен трговски дефицит во агросекторот.
Земјоделците предупредуваат дека ниските субвенции, високите производствени трошоци и неизвесниот пласман го загрозуваат опстанокот на домашните производители.
„Ниските субвенции, ниските откупни цени и растот на трошоците сериозно го загрозуваат производството. Ако порано од мала површина можело да се издржува семејство, денес често не можат да се покријат ни вложувањата“, предупредуваат од земјоделските организации.
Особено погодени се производителите на ориз, кои бараат промена на моделот на субвенционирање – наместо фиксни плаќања, поддршката да се поврзе со произведените количини, како што практикуваат некои соседни земји.
Земјоделците сметаат дека без долгорочна стратегија, гарантиран откуп, подобри субвенции и инвестиции во производство, Македонија ќе продолжи да губи конкурентност и сè повеќе ќе се потпира на увоз на основни прехранбени производи.
