Виршли, салами и млечни производи завршија во отпад – АХВ откри небезбедна храна во Гостивар

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведоа 70 вонредни инспекциски контроли во угостителски и прехранбени објекти во Гостиварско, при што беше утврдено дека сите контролирани оператори ја почитуваат забраната за користење вода од градскиот водовод. Сепак, инспекторите открија низа други сериозни неправилности – нерегистрирани фирми, небезбедна храна и вработени без задолжителни здравствени прегледи.

Контролите биле спроведени во ресторани, пекарници, слаткарници, сендвичарници, ќебапчилници и кај производители на храна, со главен фокус на почитувањето на мерките воведени по забраната за употреба на водата од гостиварскиот водоснабдителен систем.

Според АХВ, кај сите контролирани субјекти било констатирано дека за подготовка на храна и пијалаци се користи пакувана и безбедна вода, а во дел од објектите се користел и прибор за еднократна употреба.

Иако забраната за водата се почитува, инспекциските служби затекнале дури 11 нерегистрирани правни лица кои вршеле дејност, поради што им е изречена привремена забрана за работа.

Дополнително, кај 18 оператори било утврдено дека вработените немаат задолжителни здравствени прегледи, што претставува сериозен пропуст кога станува збор за ракување со храна. Кај уште пет објекти не биле спроведени законски предвидените мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

Инспекторите откриле и два случаи на пуштање во промет на небезбедна храна. Станува збор за вкупно 18 килограми производи, меѓу кои виршли, млечни производи и салами, кои веднаш биле повлечени и нештетно уништени.

За утврдените неправилности, АХВ изрече вкупно 30 парични казни во износ од 7.750 евра во денарска противвредност, како и 12 забрани за вршење дејност, опомени и наредби за отстранување на констатираните недостатоци.

Од Агенцијата апелираат граѓаните и бизнисите и понатаму строго да ја почитуваат забраната за употреба на водата од градскиот водовод, со цел да се спречи натамошно ширење на здравствените проблеми во Гостивар.

Неправилностите може да се пријават во подрачните единици на АХВ, преку електронската адреса [email protected] или на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e