Шест лица од струмичкото село Просениково се пријавени за насилство, противправно лишување од слобода и напад врз службено лице, соопшти МВР.
СВР Струмица поднесе кривични пријави против Б.Д. (22), Т.Ј. (49), С.Д. (47), В.М. (36), Г.Т. (42) и М.Т. (21), сите жители на село Просениково.
Според истрагата, на 24 јули околу 21:20 часот, пријавените насилно влегле во дом во селото Сарај, струмичко, каде физички нападнале повеќе членови на семејството, меѓу кои и две малолетни лица.
Во текот на нападот, како што информира МВР, Т.Ј. и Г.Т. се обиделе против нејзина волја да ја одведат Р.Ѓ., поради што се товарат и за противправно лишување од слобода.
При интервенцијата на полицијата, Б.Д. агресивно се однесувал и физички нападнал двајца полициски службеници, поради што е пријавен и за напад врз службено лице.
Осомничените биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Струмица. За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица.
Во текот на инцидентот, К.Ѓ. излегол на терасата и со ловечка пушка испукал два истрела во воздух, по што и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
