Нова мерка за поддршка на вработувањето преку општините ќе овозможи ангажирање на невработени лица во рамките на програмата „Економија на грижа – Општинско-корисна работа“.
Мерката е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2026 година, а беше презентирана на средба меѓу заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески и заменик-министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ.
Преку програмата општините ќе можат да ангажираат невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување, кои имаат сертификат за даватели на услуги. Ангажманот ќе трае девет месеци, со полно работно време од 40 часа неделно.
Лицата ќе бидат вклучени во обезбедување социјални и здравствени услуги во локалните заедници, особено за поддршка на приоритетни категории граѓани.
За извршената работа ќе добиваат месечен надоместок од 24.000 денари, во кој се вклучени данокот на личен доход и осигурувањето за повреди при работа и професионални заболувања.
