Судење за нападот на Села – еден од обвинетите се онесвести во судница

Среде судење – еден од десетмината обвинети за нападот на Зијадин Села на „Крвавиот четврток“ во Собраниетот се онесвести во судницата. На обвинетиот Никола Војминовски му се слоши, по што беше повикана брза помош.

Судијката Славица Андреевска даде пауза – по што рочиштето продолжи. Денеска, имаше тројца сведоци на предлог на обвинителството. Еден од нив, новинар кој што денеска сведочеше рече дека се сеќава оти Села бил удрен со метален предмет, по што се наведнал и потоа Села веќе не му бил во фокусот.

Претходно, сведочеше и поранешниот пратеник Александар Стојковски, директор на Клиниката за радиологија кој рече дека не може да каже кој го напаѓал Села, оти не видел директен напад. Единствено го видел Села како лежи на земја пред скалите, а околу него имало група луѓе кои како стампедо се движеле. Во првиот момент бил шокиран и се повлекол, но тврди дека го видел, сега обвинетиот Александар Јаневски – Тошта како ги раздвојува луѓето околу Села, па и тој тргнал да помогне.

„Го видов Ацо Јаневски – Тошта како ги раздвојува луѓето околу Села и тогаш и јас му помогнав во раздвојувањето. Села беше во бесознание, без движења“ – изјави Стојковски.

Откако повредениот пратеник бил пренесен во една од канцелариите на Собранието, Стојкоски објасни дека таму му дал прва помош.

За обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април минатата година обвинети се Кире и Цеко Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.

Извор: 24 ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e