Шахпаска: Со Истанбулската конвенција воспоставивме законска и институционална рамка за спречување и борба против насилството

Изминатиов период е воспоставена институционална и законска рамка за спречување и борба со насилството врз жените и семејното насилство согласно Акцискиот план, што претставува цврста основа и подготовка на системот за понатамошно исполнување на стандардите од Истанбулската конвенција, потенцираше министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Таа денеска претседаваше со втората седница на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство.

Министерката на седницата потенцираше дека по усвојувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, во јануари оваа година, за неговата имплементација беа донесени повеќе подзаконски акти, кои ги подготви работна група составена од претставници на институциите, здруженија на граѓани и експертска поддршка ангажирана од меѓународните организации.

Исто така, како што рече, беа донесени подзаконски акти и стандарди значајни за воспоставување на услуги за заштита на жртвите на родово базирано насилство.

Таа напомена дека во моментов се работи на сосема нов Закон за родова еднаквост, а во крајна фаза е и дефинирањето на новиот Закон за работни односи во кој има одредби значајни за остварувањето на родовата еднаквост.

Министерката се осврна на неколку значајни активности на кои Министерството за труд и социјална политика изминатиов период работеше.

-Особено значајни во борбата за поголема поддршка на жените жртви на насилство е и воспоставувањето на 13 специјализирани сервиси за згрижување на жени жртви на семејно насилство и родово базирано насилство во 6 плански региони. Факт е дека пред нас имаме уште работа, пред се во унапредувањето на услугите, мултисекторскиот пристап, раната детекција, како и подигнувањето на свеста кај жените за пријавување на насилството, рече Шахпаска на денешната седница.

Членовите на Националното координативно тело дискутираа за состојбата со насилството врз жените и семејното насилство, како и за трендовите и потребите од понатамошно делување.

На денешната седница се разговараше и за почетокот на процесот на првата основна евалуација за имплементација на Конвенцијата на Совет на Европа за спречување и борба со насилство спрема жената и домашно насилство (Истанбулска Конвенција) од страна на Групата експерти за акција против насилство против жените и семејното насилство (GREVIO).

Седницата на Националното координативно тело за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство се одржа во рамките на 16 дена активизам, кога интензивно се нагласува значењето на организираното и системско дејствување против сите форми на насилство.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e