Рашковски демантира дека барал да му го вратат пасошот

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски демантира дека побарал од Кривичниот суд да му биде вратен пасошот.

-Со оглед на фактот дека се шири лажна вест за наводно барање да биде вратена мојата патна исправа, која ниту еден медиум не ја поткрепува со факт, туку е проста репродукција на неименуван извор, сметам дека е за потребно да реагирам на ваквите објави, затоа што истите имаат само една единствена цел – да се фрли прашина врз судскиот процес кој е во тек, реагира тој.

Според него, голем дел од јавното мислење околу процесот кој е во судска тек е под постојана контаминација од лажни вести, со цел да се креира некаква погрешна слика.

-Ве замолувам за објективно и проверено известување, доколку сметате дека постојат елементи кои се од јавен интерес. Но не дозволувајте да сте катализатор на туѓите лажни вести, истакнал Рашковски во демантот.

Со одлука на Апелација, Рашковски остана без пасош откако првично беше пуштен од притвор, а потоа и од домашен притвор, по прифаќање на приложената гаранција од 192.000 евра.

Рашковски е обвиниет за злоупотреби со набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e