Жетвата на пченицата и јачменот е во тек, но земјоделците предупредуваат дека се соочуваат со сериозен проблем – нема утврдена откупна цена за пченицата, ниту организиран откуп на домашниот род.
Производителите реагираат дека додека нивната пченица останува складирана во силосите, во земјава продолжува увозот на жито и брашно, што според нив дополнително го загрозува домашното производство.
Од Здружението „Пелагонско поле“ велат дека голем дел од минатогодишната реколта сè уште не е продадена, а мелничарите покажуваат поголем интерес за поевтина увозна пченица.
„Во Македонија се откупува само дел од домашната пченица, додека останатите потреби се покриваат со увоз. Поради неизвесниот пласман и ниските цени, земјоделците постепено ги намалуваат површините под оваа култура“, велат производителите.
Тие бараат државата да ги активира механизмите предвидени со закон, меѓу кои интервентен откуп и гарантирана откупна цена, која би ги покрила производните трошоци и би обезбедила минимална заработка за земјоделците.
Според земјоделците, без навремена реакција на институциите, Македонија ризикува дополнително да ја зголеми зависноста од увозна пченица и брашно.
Од Националната земјоделска мрежа посочуваат дека законските инструменти постојат, но потребно е тие да се применат навреме.
„Државата мора да обезбеди фер услови за домашните производители, особено во периодот на жетвата, кога се одлучува иднината на оваа стратешка земјоделска култура“, велат од мрежата.
