Над илјада граѓани на Северна Македонија во Германија веќе ја искористија можноста за мобилно издавање пасоши во конзулатот во Бон

За помалку од три месеци, над илјада државјани на Република Северна Македонија кои живеат во Сојузна Република Германија се сликаа за нови патни исправи во Конзуларното одделение на Република Северна Македонија во Бон, каде успешно стапи на функција новата базна станица. Седумстотини биометриски пасоши се готови а во тек е обработката на пристигнатите барања, со новата опрема која исклучително придонесе во скратење на постапката, намалување на трошоците, како и зголемување на задоволството на нашите државјани во Германија, сведочи конзулот, Боро Мирчески. “Oвој проект е исклучително полезен за нашата дијаспора! Од искуството во изминатиот период, како го отпочнавме проектот, можам да посведочам само на зголемување на задоволството кај странките. Во моментов во нашата амбасада во Бон странките добиваат изготвена патна исправа за помалку од 30 дена” рече Мирчески.

Нашата дијаспора е благодарна на посветеноста на конзуларното претставништво.

“Го извадив мојот пасош тука во Бон и многу сум задоволна од вработените во конзуларното одделение во Бон, како и од брзиот начин на добивање на мојот нов биометриски пасош.”

“Многу сме задоволни од Амбасадата. За 30 дена го подигнавме пасошот!”

“За моето дете, од денот на сликање го добив пасошот за помалку од 20 дена.”

“Многу сум задоволна! Многу Ви се заблагодарувам!”, истакнуваат наши државјани.

Подобрувањето на услугите на дипломатските и конзуларните претставништва на Република Северна Македонија преку базните и мобилните станици е еден од многубројните проекти на Министерството за надворешни работи за дијаспората.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e