Интерпелацијата како параван за ВМРО-ДПМНЕ

Интерпелацијата беше параван за опозицијата да се врати во Собранието, без да загуби многу од својот образ, вели за ТВ21, аналитичарот Петар Арсовски, по вчерашното гласање за доверба кон владата на премиерот Заев.

Станува збор за преќутен договор меѓу власта и опозицијата, смета тој затоа што другите политички барања на ВМРО-ДПМНЕ не поминаа, посочувајќи на барањето за ослободување на пратениците од 27 април од притвор и Законот за употреба на јазиците.

„Мислам дека тоа е преќутен договор меѓу позицијата и опозицијата, опозицијата да направи интерпелација, која по закон не може да се спречи, меѓутоа како некаков политички бон тон, тоа е дозвола за Христијан Мицковски да консолидира некаков политички наратив околу враќањето во Собранието кое по се изгледа беше неминовно и поради притисокот од меѓународната заедница“, вели Арсовски.

Вчерашната расправа која траеше скоро до полноќ за врши со кус „дијалог“ меѓу поранешниот и сегашниот премиер. Груевски бранејќи ја интерпелацијата поднесена од неговата партија му порача на Заев да се повлече од функцијата и да стави крај на својата политичка кариера додека не е доцна за државата. При тоа ги фалеше владите кои самиот ги водеше, а за актуелната рече дека е посветена само на прашањето за промена на името.

„Ова е трчи-лажи влада, која секому му ветуваше што сака да чуе. Влада која верува и се надева дека на следните избори, меѓународната заедница ќе им легализира нов изборен криминал затоа што ќе ги распродадат националните интереси“, порача Груевски.

Но веднаш по оваа порака, на пат да излезе од собраниската сала, Груевски се предомисли, по зборовите кои му ги упати политичкиот соперник.

„Груевски, Македонија расчисти со тебе. Ти си минато, граѓаните така одлучија. Македонија почитувани граѓани има важна работа, сега ќе кажам каде и во кој правец тргнала Македонија“, изјави Заев.

Аналитичарот Арсовски смета дека ќе помине можеби и цела година за ВМРО ДПМНЕ да се извлече од аурата на Груевски, кој ја водеше скоро петнаесет години, а премиер беше една деценија.

„Речиси сите лидери на партии кои заминувале на почетокот биле величани како кралеви, меѓутоа подоцна тие исчезнувале од политичкиот живот и партиите оделе по некаков нов сопствен тек и сопствен наратив. Мислам дека истото ќе му следи на ВМРО-ДПМНЕ со Христијан Мицковски“, смета Арсовски.

Резултатот од гласањето беше очекуван, интерпелацијата не ја доби потребната поддршка од повеќе од половина присутни пратеници. 40 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ гласаа „За“, 62 пратеници од мнозинството гласаа против а двајца народни избраници беа воздржани.

Ова е прва интерпелација на владата на Заев, а четврта во историјата на независна Македонија. Досега потребна поддршка добила само интерпелацијата на експертската влада на Никола Кљусев во 1992-та година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e