Бочварски за Локално: Нема да дозволиме главното урбанистичко и проектантско биро повторно да биде на улица „Илинденска”

Во текот на наредната недела ќе го потпишам Правилникот за урбанистичко планирање кој е продолжена алатка на новиот Закон за урбанистичко планирање. Ова е многу важно затоа што просторот е најголемото богатство на државата и преку хумано планирање ќе овозможиме вистински развој на урбаните средини. Со тоа јасно даваме до знаење дека нема да дозволиме да ни се случуваат неправдите од минатото за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога седиштето на главното урбанистичко и проектантско биро беше на улица „Илинденска”, во Владата, а токму тој е периодот во кој се направи трајна штета на ликот и препознатливоста на Скопје, вели министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во интервју за Локално.

За изградбата на браната Отиња, тој вели дека е вистински предизвик и како градоначалник и како министер. Посочи дека во Штип важи за „невозможен” проект поради фактот што четири или пет децении се ветувал од различни структури со различни идеи и нацрт верзии, но никогаш досега ниту бил изготвен основен проект, ниту пак имало одобрение за градење, ниту била обезбедена финансиска конструкција.

– Со изградбата на овој објект, градот и граѓаните ќе добијат нова реалност во секојдневието а ќе трасираме и иден развој на градот, посочи поранешниот градоначланик на Штип.

Во однос на хаосот на Охридското крајбрежје, кое е едно од најгорливите прашања во државата, Бочварски смета дека „грижата за националното и културно богатство и заштитните подрачја е нешто за што нема компромиси“.

– Тука мора да постои вклученост на сите локални и национални институции, граѓански ораганизации и заеднички да се залагаме за доследно зачувување на нашите ресурси. Тоа што во изминатите години се случува во тој дел е неприфатливо и мора да се промени, вели тој.

Проблемот со дивоградбата кај ТЦ Мавровка беше првиот врел костен со кој се соочивте. Ги повикавте градоначалниците да ги преземат своите одговорности и самостојно да почнат со уривање на бесправно изградените објекти. Колку овој ваш пристап може да донесе резултати имајќи го предвид фактот дека зад многу од проблемите беа токму одредени градоначалници?

– Ветивме правда на секое ниво, но за правда во општеството мораме да се бориме сите, заеднички без исклучок. Владата предводена од СДСМ покажа силна волја во решавање на овие проблеми. Затоа веднаш побарав од општините да ги искористат своите ингеренции во насока на заштита на просторот и постапување согласно законите. Убеден сум дека доколку сите постапуваме согласно своите ингеренции ќе направиме поубаво општество, каде што и граѓаните и бизнис секторот ќе се охрабрат и ќе ги вложуваат своите средства овде во нашата држава.

Во таа насока дали сметате дека државата треба да направи ревизија на работата на општините во делот на урбанистичкото и градежно работење?

-Сакам да потенцирам дека преку новата законска регулатива во делот на урбанизмот поставуваме систем кој ќе ги даде своите резултати. Во текот на наредната недела ќе го потпишам и Правилникот за урбанистичко планирање кој е продолжена алатка на новиот Закон за урбанистичко планирање. Ова е многу важно затоа што просторот е најголемото богатство на државата и преку хумано планирање ќе овозможиме вистински развој на урбаните средини. Уверувам дека новиот Закон нуди полесни решенија во делот на изработка на урбанистичките планови и конечно ќе се надминат коруптивните влијанија што ги имаше претходно во оваа дејност. Со Законот се предвидува голема транспарентност, стручност и отчетност на сите учесници во процесот на изработување, донесување, спроведување и надзор над урбанистичките планови, што e за прв пат, така што сметам дека имаме добро законско решение за планирање и урбанизација на просторот.

Убеден сум дека со овој законски и подзаконски акт го враќаме тежиштето на планирањето кај архитектите, кај професионалците, а урбанизмот го поставуваме на стабилни темели. Со тоа јасно даваме до знаење дека нема да дозволиме да ни се случуваат неправдите од минатото за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога седиштето на главното урбанистичко и проектантско биро беше на улица „Илинденска”, во Владата, а токму тој е периодот во кој се направи трајна штета на ликот и препознатливоста на Скопје.

Веќе спомнав дека Правилникот за урбанистичко планирање ќе биде потпишан во текот на наредните денови и практично со тоа започнува примена на новиот Закон за урбанистичко плнирање. Во него се разработени сите аспекти за поефикасно, рационално и транспарентно носење на урбанистичките планови каде ќе бидат вклучени членови на заедницата, општински власти, експрети, секако со голем осврт на зеленилото итн.

Целото интервју на Благој Бочварски за Локално на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e