„Безбедни здравствени работници, безбедни пациенти“ – мото на Светскиот ден за безбедност на пациентите

Под мотото „Безбедни здравствени работници, безбедни пациенти“, годинава се одбележува 17 септември – Светски ден посветен на безбедноста на пациентите. Светската здравствена организација оваа година акцентот го става и на безбедноста на здравствените работници, кои се во првите борбени редови во справувањето со вирусот КОВИД-19, како еден од најголемите здравствени предизвици со кои се соочува светот.

Заштитата и безбедноста на персоналот, се наведува во денешното соопштение од Министерството за здравство, е врвен приоритет имајќи предвид дека со заштитата на здравствените работници се штитат и пациенти кои се во контакт со нив.

– Сите јавни здравствени установи во државата располагаат со соодветна заштитна опрема за персоналот и средства за дезинфекција, а воедно Министерството располага со доволно резервни количини кои се доставуваат до установите согласно нивните барања и потреби. Дополнително на опремата која ја има Министерството за здравство, добиени се донации во заштитна опрема во големи количини – повеќе од еден милион парчиња заштитна опрема од различен вид, се додава во соопштението од МЗ.

Покрај безбедноста на медицинскиот персонал, се посочува, Министерството за здравство е посветено и на стимулирање и мотивирање на кадарот, како и унапредување на статусот на здравствените работници.

– Здравството и здравствените работници се клучниот столб во борбата со вирусот КОВИД-19, и токму затоа во континуитет апелираме максимално да се почитуваат мерките за заштита, се истакнува меѓу другото во соопштението од МЗ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e