Швајцарските спасувачки екипи денеска го пронашле телото на пилотот чиј борбен авион падна пред два дена во швајцарските Алпи, соопштија швајцарските власти.
Телото на пилотот е пронајдено во близина на остатоците на авионот, кој вчера беше лоциран во Сустен во централниот дел на Швајцарија, стои во соопштението на швајцарската влада.
Идентитетот на пилотот не е објавен, но се наведува дека станува збор за 27-годишен војник и оти неговото семејство е известено за несреќата.
Воените истражни органи се обидуваат да ја утврдат причината за падот на борбениот авион на швајцарските воздухопловни сили.
Швајцарските власти привремено забранија прелетување на висина под 3.000 метри на локацијата каде се урна авионот.
Авионот едносед „ф/а-18ц“ во понеделникот полета од воената база во Мајринген, во рамки на обука за летање. Пилотот одговори на првата порака од базата, но не и на втората, кога авионот е прогласен за исчезнат и почна потрагата по него.