Крвав инцидент утрово се случил во средно училиште во загрепската населба Волтино, каде ученик со остар предмет избодел друг ученик и вработена во училиштето.
Според досегашните информации, и напаѓачот и повредениот ученик се ученици во прва година. Напаѓачот е под надзор на полицијата, која врши увид и криминалистичко истражување за утврдување на сите околности.
Двајцата повредени се пренесени во болница. Кај ученикот се констатирани подлабоки убодни рани и е индицирана операција, додека вработената има повеќе површни убодни рани. Од Министерството за здравство соопштија дека и кај двајцата се зачувани виталните функции.
По инцидентот дел од учениците биле задржани во училниците, додека други успеале да го напуштат училиштето. Министерството за образование најави испраќање кризен тим во училиштето.
Полицијата продолжува со истрагата, а повеќе детали се очекуваат во текот на денот.
