Два тони отпад собрани од плажите на грчкиот остров Крит

Со специјално опремен брод, за два месеци од плажите и крајбрежјето на грчкиот остров Крит биле собрани два тони отпад. Собирањето отпад е во рамки на акцијата на Фондацијата Ласкариди, објави грчкиот весник „Катимерини“.

Станува збор за децениски отпад или отпад од други земји од Југоисточниот Медитеран, како што се Турција и Либан.

Со бродот „Тајфун“ на фондацијата, кој има опрема за справување со нафтеното загадување и специјална опрема за чистење на недостапни брегови, биле исчистени 166 плажи.

-Нашата цел беше за прв пат да го покриеме целиот остров, како и малите острови Хриси, Куфониси и Гавдос и да ги расчистиме сите крајбрежја што не се лесно достапни или не се чистат од хотелите или друг бизниси, објаснува за „Катимерини“, Ангелики Космопулу, извршната директорка на Фондацијата.

Чистењето започнало од градот Хања кон западниот дел на островот на 11 октомври и биле опфатени 1046 километри од крајбрежјето.

Најголемиот дел од собраниот отпад бил пластика, шишиња за вода, капачиња, пластични кеси и сл.

-Еден интересен податок, се однесува на староста на отпадот. Ја идентификуваме преку бар кодовите, онаму каде што постојат. Наоѓаме децениски отпад, на пример, најдовме лименка од сок со знак од Мундијалот во 1990 година. Имаше плажи каде под површинскиот отпад откривме ѓубре закопано во песок. Оваа „археологија“ на отпад ни помага подлабоко да го разбереме феноменот на загадување. Поради струите, но и бродовите кои поминуваат, наоѓаме и многу ѓубре од други земји, главно од Турција и Либан, вели директорката на Фондацијата за „Катимерини“.

Ознаки:

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e